ЕУ започнува поморска операција во Црвеното Море

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија во понеделникот донесоа одлука за започнување поморска операција во Црвеното Море за да ги заштитат трговските бродови од евентуални нападни од јеменските Хути, вооружена шиитска групација која ја има поддршката од Иран.

Операцијата наречена „Aspides“ (Заштитник) ќе обезбеди поморско присуство на ЕУ во областа каде Хутите од октомври минатата година ги напаѓаат трговските бродови поврзани со Израел, во знак на поддршка на Палестинците убивани во разорената од израелската војска енклава Појасот Газа. Целта на оваа „одбранбена поморска операција е воспоставување и зачувување на слободна пловидба во Црвеното Море и во (Персискиот) Заливот“, се наведува во објавата.

„Со започнувањето на мисијата Aspides, Европската унија брзо одговори на потребата да се воспостави безбедност на море и слобода на пловидбата во стратешки важен поморски коридор“, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.

Операцијата ќе биде активна долж главните морски линии на комуникација во теснецот Бааб ал-Мандаб и Ормускиот теснец, како и меѓународните води во Црвеното Море, Аденскиот залив, Арапското Море, Оман и Персискиот залив.

Операцијата ќе ја командува грчкиот комодор (најнизок адмиралски чин кој одговара на рангот бригаден генерал во копнените војски) Василиос Грипарис и италијанскиот контраадмирал Стефано Костантин. Седиштето на операцијата ќе биде во Лариса, во Грција.