ЕУ застана зад Туск за уште еден мандат како претседател на Европскиот совет

Сите членки на ЕУ, освен Полска, застанаа зад кандидатурата на поранешниот полски премиер Доналд Туск за нов мандат за претседател на Европскиот совет, пишуваат лондонските медиуми.

На утрешниот Самит на ЕУ, европските лидери треба да изберат нов претседател или да му го продолжат мандатот на досегашниот, но се очекува да дојде до „судир“ меѓу полската влада и другите во Унијата.

Полска официјално го кандидираше Јацек Сариуш Волски за нов претседател на Европскиот совет, не сакајќи Туск да остане на европската функција.

Актуелната влада во Варшава, тврди дека Туск не ги застапува позициите што кон ЕУ ги има десноцентристичката влада на Беата Шидло, особено што таа од почетокот на мандатот е во судир со Брисел, од каде стигнуваат обвинувања за „газење на демократските принципи на ЕУ“ .

Главната забелешка кон Туск, сепак, се однесува на времето кога беше полски премиер, затоа што, наводно, не направил доволно за да се расветли падот на државниот авион на полската влада во кој загина и тогашниот претседател Лех Качински, брат близнак на сегашниот лидер на владејачката Партија на редот и правдата, Јарослав Качински.

Другите во Унијата не сакаат да се смени актуелниот претседател на Европскиот совет, со објаснување дека Туск мошне добро ја извршува својата функција, а освен тоа, е еден од клучните луѓе на ЕУ кои треба да ги спроведе преговорите за раздружување со Британија и нејзиниот Брегзит, па најавуваат дека „ќе го блокираат’ неговото менување со друг кандидат.

Се очекува на утрешниот дел од Самитот на ЕУ, Варшава да стави вето на реизборот на Туск на функцијата, но во вториот круг тој ќе биде реизбран, затоа што ја има поддршката на сите други земји-членки, пишуваат лондонските медиуми.