ЕУРО 2020: Полска подобра за еден среќен гол , Македонија на третото место

Со голот постигнат по низата несреќни реакции на македонската одбрана на почетокот од второто полувреме, фаворизираната селекција на Полска во петокот вечерта на скопскиот стадион „Тодор Проевски“ ги освои трите бода во мечот од третото коло од Групата Г во рамките на квалификациите за европското фудбалско првенство во 2020 година.

Единствениот погодок на мечот во 47 минута му е впишан на младиот Кжиштов Пјатек, кој влезе во игра по паузата и по корнерот од десната страна во каранболот во петерецот на македонската репрезентација ја допра топката доволно да се истркала во мрежата на Столе Димитриевски.

Македонија во првиот дел остана без директна закана кон Лукаш Фабијански, во вториот дел ги имаше неколку, но не успеа до израмнување. И Полска во тврдиот натпревар имаше само еден директен удар кој голот на домашната селекција, но на крајот замина со целиот плен.

Во другтие мечеви од ова коло во нашата група Австрија ја совлада Словенија со 1:0 со голот на Бургшталер во 74 минута, за први бодови во циклусот, додека Израел во Рига славеше над Летонија со 3:0, со хет-трикот на Захваи во 10, 59 и 80 минута.

На табелтата во водство е Полска со максималните 9 бодови, Израел веќе се искачи на второто место со 7 бодови, а Македонија е третата со 4 бодови. Австрија сега има 3,  а Словенија остана со 2 бода. Последна е Летонија без бодови.

Во недела, исто така, во Скопје, македонската репрезентација се среќава со уште еден фаворите, ја пречекува Австрија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.