Еурофарм Пелистер испушти победа во Лисабон, се задоволи со нерешен резултат

Битолски Еурофарм Пелистер имаше добиен натпревар против Спортинг, во Лисабон, но мораше да се задоволи со 27-27, откако прокоцка напад на 30-тина секунди до крајот.

Македонскиот вицепрвак не успеа да го сочува стабилното водство, кое го имаше цел натпревар, па се доведе во рамноправна резултатска ситуација на 30 секунди до крајот поради сопствена грешка.

Прво Спортинг напаѓаше за изедначување, кога загуби топка или, поточно, ја украде Мартин Велковски, меѓутоа истиот играч неколку секунди подоцна не успеа да ја исконтролира и Спортинг погоди за 27-27. Иако останаа секунди до крајот, Јосип Периќ не можеше да направи ништо.

Ова е четврти натпревар по ред во кој Пелистер е непорзен во Европа, а со освоениот бод дојде до шест, еден помалку од Спортинг и од Ним, кои се лидери на табелата.

За седум дена, Португалците ќе допатуваат на своевиден реванш во „Боро Чурлевски“ во Битола. Вечерва се истакнаа Табоада со седум, Мандалиниќ со пет и Божиќ-Павлетиќ со четири од четири гола. Секељ имаше осум интервенции.