Евакуација на лондонскиот плоштад Трафалгар

Лондонската полиција во саботата ги евакуираше луѓето од областа на плоштадот Трафалгар во центарот на британската престолнина, како што јави радиото LBC веројатна причина за тоа е сомнителен предмет.

„Полицијата е на плоштадот Трафалгар и вршеше евакуација на луѓето од областа. Ве молиме воздржете се од посета на областа“, беше наведено во објавата на Twitter профилот на полициската управа на лондонскиот округ Вестминстер.

Подоцна следуваше и втора објава во којашто беше наведено дека „инцидентот е надминат и плоштадот наскоро повторно ќе биде отворен“. Според медиумите, на во областа сѐ уште е забележливо присуството на полицијата.

Според информацијата на LBC, минувачите слушнале силен тресок во областа на плоштадот. Тоа, како што се наведува во информацијата, може да посочува дека веројатно тим за деминирање извел контролирана експлозија на сомнителниот предмет, што е стандардна пракса во такви случаи.

Полициската управа на Вестминстер подоцна рано попладнето на својата страница на Twitter објави дека инцидентот не е поврзан со тероризам и дека е веќе расчистен.

„Полицијата реагираше на дојава за сомнително транспортно средство на плоштадот Трафалгар, добиена во 9,22 часот (10,22 по македонско време). Беше спроведена истрага. Откако полицијата ги презема потребните дејствија, во моментов нема причина за загриженост и нема поврзаност со тероризам“, се наведува во објавата.

Според весникот The Daily Mail, вниманието го привлекол автомобил кој во текот на изминатата ноќ бил паркиран на плоштадот. Полицајците ги скршиле стаклата на возилото и извршиле контролирано детонирање на багажникот.

Од четвртокот во целото Обединето Кралство се одбележуваат рекордните 70 години од стапувањето на престолот на кралицата Елизабета Втора. Во саботата вечер во центарот на Лондон ќе се одржи концерт пред Бакингемскиот дворец, на кој според најавите ќе настапи рок-бендот Квин, американската соул пејачка Дајана Рос, годинешниот британски претставник на Евровизија, Сем Рајдер и многу други познати музичари.