Евакуација поради ширење на пожарот во југозападна Турција

Повеќе од 270 луѓе се евакуирани во близина на одморалишта во југозападна Турција поради пожарот кој избувна во вторникот и се прошири поради високите температури и силниот ветар, изјави во четвртокот министерот за земјоделство и шумарство Вахид Киришчи.

Својот дом или работното место морале да ги напуштат 274 жители, рече Киришчи во Мармарис, популарно одморалиште во покраината Мугла на Медитеранот.

Досега се зафатени речиси три илјади хектари земјишта, додаде министерот. Потврди дека пожарот првични избувнал во националниот парк во Мармарис.

Турскиот опозициски лидер Кемал Килицдароглу во средата ноќта истакна дека споменатиот регион е особено чувствителен на шумски пожари поради климатските промени и ја обвини владата за неподготвеност.

Шумски пожар ја зафати и покраината Кахрамамнараш на југоистокот на Турција, пренесе телевизијата TRT.

Минатото лето големи пожари уништија илјадници хектари шуми ширум Турција, при што најтешко беа погодни бреговите на Егејското и на Средоземното Море.

Тогаш владата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, која се жалеше за сомнителни случаи на подметнувања, беше критикувана поради лоши подготовки за сезоната и недостиг од воздушна поддршка. Сега 12 авиони и 45 хеликоптери помагаат во гаснењето на пожарот во Мармарис, посочи Киришчи, и додаде дека пристигнуваат уште три хеликоптера од Катар и авион од Азербејџан.

Покрај тоа, Турција, Израел и Кипар испратиле авион и хеликоптери во помош при гаснењето на пожарот во северниот турски дел на островот Кипар, пренесе агенцијата Anadolu. Пожарот избувнал во вторникот во областа Мерсинлик, околу 83 километри североисточно од кипарската престолнина Никозија, во грчкиот дел од поделениот остров.