Евакуација на Филипини пред налет на силен тајфун

Властите на Филипини започнаа евакуација на илјадници жители од крајбрежните региони на северот од азискиот архипелаг, поради предвидениот налет на извонредно силен тајфун наречен Мангхут за во сабота, проследен со ветрови со брзина од 255 километри на час.

Властите истакнаа дека десет милиони Филипинци живеат во областите коишто се наоѓаат на предвидениот пат на бурата којашто во четвртокот напредува во Тихиот Океан. Милиони други жители го населуваат брегот на Јужнокинеското Море кој, исто така, ќе биде зафатен од силниот тајфун.

Евакуацијата е започната од брегот на северниот врв Лузон, главниот остров на Филипини, каде што се очекува дека тајфунот ќе удри во првите часови од саботата.

„Превентивните евакуации се во тек во нашите крајбрежни општини, во селата кои се изложени. Ќе продолжиме со нови евакуации“, изјави портпаролот на локалните власти Роџерио Сендинг.

Филипинската метеоролошка агенција наведе дека тајфунот Мангхут во сегашниот стадиум е најмоќната тропска бура во оваа година.  Филипини годишно се погодени од околу 20 тајфуни, а прогнозите велат дека Мангхут ќе биде најсилниот во 2018 година и ќе опфати подрачје во радиус во 900 километри и постојани ветрови од 205 кои може да достигнат брзина и до 255 километри на час.

Најсмртоносната природна катастрофа од овој вид која ги зафати Фулипини беше „супертајфунот Хаијан“ кои во ноември2013 година го разори централниот дел од архипелагот оставајќи зад себе 7.350 загинати и исчезнати лица.