Еве колку отсто од тестираните се позитивни на копнените граници во Грција

Нашата земја не е во опасност од туризмот, нема зголемување на новите случај поради отворањето на границите, истакна министерот за туризам на Грција Харис Теохарис говорејќи на конференција организирана од Комората на хотелиери на Грција и министерството за туризам, јави дописничката на МИА од Атина.

Теохарис ги претстави и податоците, односно резултатите од случајните тестирањата на сите влезни точки во земјата во првите десет дена од јули.

Од 105.609 направени тестови, позитивни биле само 74, односно 0,07 отсто од тестираните.

-На копнените граници констатиравме уште понизок индекс на позитивност, 0,01 отсто, на пристаништата 0,07 проценти и на аеродромите 0,09 отсто. Мислам дека е очекувано, знаевме и претходно, а веќе се докажува и со податоците, дека туристите од земји како што е САД на пример, со висок број на вакцинирани имаат и најмал број позитивни случаи, рече Теохарис и објасни дека просечната возраст на оние кои биле позитивни на сите влезни точки во земјата е 35,9 години, а 58 отсто се мажи и 42 проценти жени.

Министерот за туризам на Грција истакна дека овие податоци се особено важни и за хотелиерскиот сектор, со оглед на тоа дека покажуваат дека „зголемувањето на случаите на Ковид-19 во Грција не е поврзано со туризмот“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.