Еве со колкав интензитет беа двата земјотреси во Охрид

233

Потресите, што се случија во 15:36 и 15:45 часот беа со Рихтерова локална магнитуда од 2,6 односно 2,3 степени, се почувствувани во Охрид и Ресен со интензитет од четири степени според Европската макросеизмичка скала.

Умерен земјотрес со интензитет од 2,5 степени според Рихтеровата скала и претходно го потресе Охридското сеизмичко подрачје, во 13:29 часот, со епицентар десет километри североисточно од Охрид.

Потресите не предизвикаа никакви материјални штети, но дополнително ги вознемирија жителите на Охрид, Ресен и околните населени места, кои веќе неколку дена се сведоци на тресење на тлото.

Само во текот на изминатата ноќ беа регистрирани два умерени потреси во охридско-ресенскиот епицентрален регион, во 2:02 и во 11:52 часот. Потреси беа регистрирани и претходните денови, чии епицентри беа лоцирани на половина пат меѓу Охрид и Ресен, поточно во непосредна близина на превојот Буково, додека епицентарот на еден земјотрес од пред два дена беше лоциран во близина на струшкото село Делогожда.

Експертите по сеизмологија оценуваат дека се работи за редистрибуција на напрегање на силите за сеизмички активно подрачје. Истовремено тие уверуваат дека не треба да се очекуваат да се случат земјотреси со поголема магнитуда, оттаму што со секој изминат земјотрес се губи потенцијалот за поголем потрес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.