Евентуален избор на Иванова и Талески значи „заевизација“ на Уставниот суд ,предупреди Милошоски

Денешната прес конференција ја користам како прилика да Ве известам дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ги извести меѓународните фактори во Македонија особено делегацијата на Европската унија дека двајцата можни кандидати за членови на уставниот суд, тоа се г-ѓата Цветанка Иванова од СДСМ и адвокатот Талески од Битола исто така од СДСМ, го прекршуваат членот 111 од Уставот на Република Македонија доколку бидат предложени и избрани за судии во Уставниот суд, затоа што членот 111 е многу јасен и вика дека функцијата на судија во Уставниот суд е неспоива со членување во политичка партија. И г-ѓата Цветанка Иванова и г-динот Талески од Битола најмногу што направиле е што се истакнале во нивното членство во СДСМ, изјави на денешната прес конференција, Антонијо Милошоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Затоа сметаме дека ова би претставувало не само партизација, туку и заевизација на Уставниот суд. Во време кога Македонија е на ниското 111 место заради корупцијата, со многу лоши оцени, меѓу другото и заради партизацијата на важни државни институции, не смееме да дозволиме заевизација на Уставниот суд. Од друга страна, еден од кандидатите кој што исто така е предложен, г-ѓата Цветанка Иванова, освен што е партиски активна, таа не го исполнува критериумот на истакнат правник. Таа дипломирала на правен факултет, но нема ниту еден стручен и научен труд, ниту пак било каква пракса во правосудни или други органи кои се занимаваат со примената на правото за да може да се смета дека е истакнат правник, вели тој.

Милошоски и ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека послушноста кон Зоран Заев не треба да биде посилен аргумент од членот 111 од Уставот на Македонија кој што забранува партиски активисти да бидат членови на Уставниот суд. Се надеваме дека ќе има позитивна реакција и од владејачкото мнозинство и меѓународниот фактор.

„Апелираме до владејачкото мнозинство, не само со пратениците во Собранието, туку и со јавноста да ги сподели сите оние личности кои што поднеле писмо за намери да бидат третирани како можни кандидати за уставни судии. Имаме сознанија дека таква желба пројавиле најмалку неколку квалификувани судии со долгогодишен, би рекол децениски стаж во нивната работна кариера, но за жал владејачкото мнозинство се’уште ги крие овие имиња веројатно затоа што им е незгодно да направат споредба помеѓу кандидатите кои што се квалификувани за судии во Уставниот суд и партиските членови кои што тие сметаат дека треба да бидат послушни на Зоран Заев во Уставниот суд“, додаде пратеникот.