Евентуалната испорака на кинеско оружје за Русија е „црвена линија“ за ЕУ, се закани Борел

Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел предупреди во понеделникот дека евентуалната одлука на Кина да ѝ испорача на Русија оружје ќе претставува „црвена линија“ за Брисел.

Темата за наводните испораки на кинеско смртоносно оружје на Русија ја отвори американскиот државен секретар Ентони Блинкен по наводни „сознанија“ кои ги имал Вашингтон за кои зборуваше во саботата со шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји на маргините на Минхенската безбедносна конференција изминатиот викенд.

Борел по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ изјави дека наводно на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји му пренел дека таквата одлука „би била црвената линија за Европската унија“.

„Министерот Ванг ми рече дека тие тоа нема и немаат намера да го направа, но ние остануваме претпазливи“, тврди Борел.

Годишнината од војната во Украина ќе биде главната тема на редовниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ. Беше најавено дека на состанокот ќе учествува и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, но од Советот на ЕУ во понеделникот соопштија дека нема да дојде без да ја наведат причината.

На состанокот во Брисел ќе се разговара за заедничката набавка на муниција за Украина, откако минатата седмица во западните медиуми се појавија информации дека поради недостиг од залихи, европските земји прават реекспорт на муницијата од трети земји, во прв ред Јужна Кореја и Пакистан. Официјален Исламабад преку своето министерство за надворешни работи ги негираше тие тврдења.

„Тоа е најитното прашање. Доколку не успееме, резултатите од војната ќе бидат во опасност. Руската артилерија истрелува околу 50.000 проектили дневно, а Украина мора да биде на истото ниво на капацитетите. Имаат топови, но им недостига муниција“, рече Борел.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, минатата седмица изјави дека Украина троши повеќекратно муниција отколку што нејзините западни сојузници можат да произведат, што ги исцрпува залихите во Европа.

Чекањето на муниција со голем калибар се зголемило од 12 на 28 месеци, што значи дека испораките на денска примените нарачки може да бидат остварени дури за две ипол години или подоцна, предупреди Столтенберг.

Заедничката набавка на муниција, којашто очајнички ѝ е потребна на Украина, би се спроведувала според моделот за набавка на вакцините против Covid-19, изјави викендов претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен која е споменувана во корупциски контекст токму поради набавките на вакцините за енормни суми.

Се тврди дека заедничката набавка би била поефикасна отколку од поединечните набавки на државите членки на ЕУ. Покрај тоа, поголемите набавки би ѝ помогнале на воената индустрија во ЕУ да вложува во дополнителни капацитети.