Евертон киксираше дома против давеникот Фулам, Арсенал ги мина Лидс

Во последниот натпревар од неделната програма на 24-то коло на англиското фудбалско првенство Фулам направи големо изненадување како гостин совладувајќи го со 2:0 Евертон кој лови пласман во европските купови.

Двата погодока на натпреварот ги постигна новиот играч на Фулам, нигерискиот напаѓач Џош Маџа во 48 и 65 минута.

Со овој пораз Евертон ја испушти можноста бодовно да се израмни со градскиот ривал Ливерпул на четвртото место на табелата, но остана седми со 37 бодови, три помалку од Ливерпул, а два од петтиот Челзи и шестиот Вест Хем Јунајтед. Фулам, пак, остана на 18-то место, кое води во понизок ранг, со седум бодови помалку од 17-от Њукасл кој е на позиција која обезбедува опстанок.

 

Претходно во неделата Арсенал во директната пресметка со 4:2 го совлада Лидс Јунајтед за кој до 53 минута настапи македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски, и го мина на табелата. Трипати за Арсенал погоди Пјер-Емерик Обамејанг во 13, во 41 од пенал и во 47 инута, а во 45 минута стрелец беше Ектод Белерин. За Лидс стрелци беа Паскал Струијк во 58 и Елдер Коста во 69 минута.

Арсенал сега е 10-ти со 34 бодови, два помалку од деветтиот Тотенхем и осмата Астон Вила кои имаат меч односно два помалку од „Топчиите“, а Лидс Јунајтед падна на 11-то место со 32 бодови.

Играчите на Манчестер Јунајтед повторно киксираа против екипа од зоната на испаѓање, одигрувајќи на гостувањето кај Вест Бромвич Албион само 1:1. Домашните поведоа веќе во 2 минута со голот на Мбаје Диање, а израмни Брино Фернандеш во 44 минута со извонредниот волеј. Во продолжението резултатот не се менуваше.

Сега Манчестер Јунајтед има 46 бодови со кои остана на втората позиција, бодовно израмнет со третиот Лестер Сити, а шест повеќе од четвртиот Ливерпул. Водечкиот Манчестер Сити има 53 бодови и има натпревар помалку од ривалите. ВБА остана на 19-то место со 13 бодови 12 помалку од зоната на спасот.

 

Во првиот неделен деул Вулверхемтон забележа гостинска победа со 2:1 кај Саутемптон. Домашните поведоа со погодокот на Дени Ингс во 25 минута, а во вториот дел гостите направија целосен пресврт со погодоците на Рубен Невес во 53 минута од пенал и на Педро Нето во 66 минута.

И по овој дуел настапи промена на местата на табелата. Сега Вулверхемптон е 12-ти со 30 бодови, а Саутемптон падна место подолу останувајќи на 29 бодови.

 

Во понеделник на распоредот се натпреварите Вест Хем – Шефилд Јунајтед и Челзи – Њукасл.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.