Евертон убедлив против ВБА

Во првиот меч од второто коло на англиското фудбалско првенство, Евертон на својот „Гудисон Парк“ го совлада Вест Бромвич Албион со убедливи 5:2.

Клучните моменти на мечот се чини се одиграа во завршницата од првото полувреме кога ВБА го прими вториот погодок за ново водство на домашните, а остана без еден играч додека на полувремето беше исклучен и тренерот на гостите Славен Билиќ.

Имено, Евертон во 45 минута поведе со 2:1 со голот на новото засилување Хамес Родригез, а во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме беше исклучен и бекот на ВБА, Киран Гибс поради удирање на Родригез, а кога судијата Дин отсвири заминување на одмор му пријде Билиќ кој две минути негодуваше поради делењето на правдата по што и нему му беше покажан црвен картон,.

Инаку мечот го одбележа хет-трикот на Доминик Калверт-Луин. Гостите поведоа во 10 минута со голот на Грејди Диангана, а до крајот на полувремето направи пресврт со првиот погодок на Калверт-Луин во 31 и погодокот на Родригез во 45 минтуа. Во 47 минута ВБА успеа да израмни од одлично изведениот слободен удар на Матеус Переира, но домашните во продолжение ја искористија предноста од играч повеќе. Мајкл Кин во 54 минута донесе ново водство на Евертон, а Калверт-Луин со два брзи погодока, во 63 и 66 година, ги постигна конечните 5:2.

Калверт-Луин, со денешните, три погодока веќе има вкупно четири, откако на отворањето на сезоната беше стрелец на единствениот погодок за Евертон во изненадувачката победа во Лондон над Тотенхем.

Евертон има максимални шест бодови, додека ВБА по домашниот воведен пораз од 0:3 од Лестер Сити и натаму е без бодови.