ЕВН Македонија за дефектите со струјата во пелагонисниот регион

Невремето во Битола искина електрични кабли/Фото, ТВ Тера

По вчерашното невреме во Пелагонија проследено со обилни врнежи од снег, во понеделникот повеќе од 20 часа некои села се без електрична енергија.

„Вчерашното невреме проследено со силни врнежи од снег предизвика одредени проблеми во снабдувањето со електрична енергија. Беа регистрирани неколку испади на среднонапонската мрежа во регионот на Битола, Прилеп, Маврово, Кичево и Охрид. Поголемиот дел од дефектите се во регионот на Битола, претежно во планинскиот дел каде што прекините се предизвикани од кинење на проводниците од паднати дрва кои не можеле да ја издржат тежината на снежните наноси. Дефектите беа локализирани, тимовите на ЕВН за интервенција веднаш почнаа со работа на терен. Веќе се организирани дополнителни тимови од Струга и Охрид кои во тешко пристапниот терен  работат за што побрзо отстранување на дефектите во планинските населени места во Битолскиот регион” стои во информацијата од ЕВН.

Од ЕВН Македонија велат дека во моментов без струја се: Лопатица, Дихово, Брусник, Ѓавато, Српци, Доленци, Братин дол, Цапари, Демир Хисар (градско подрачје), Мургашево, Стругово, Обедник, Смилево, Загориче, Ракитница, Породин, Градешница, Кишаца, Суводол, Кутретино, Долно и Горно Дивљаци, Пуста река, Арилево, Кочита, Сливница, Скочивир, Бач, Добромири, Мусинци, Агларци, Долно Оризари, градско подрачје на Битола и индустриска зона.