ЕВН спротивно од тврдењата на МВР: Нема приватни броила во ГТЦ, се носи струја до трафостаница а потоа се дели по дуќаните

ЕВН носи струја до главната трафостаница на Градскиот трговски центар, а самиот ГТЦ потоа ја распределува електричната енергија до сопствениците и до закупците на деловен и магацински простор, објаснува за Плусинфо, електродистрибутерот ЕВН.

Министерството за внатрешни работи, пак, вчера по акцијата за откривање кражба на струја поради копање крипто валути, соопшти дека во подрумските простории на ГТЦ не се краде струја. Оттаму велат дека се извршени разговори со одговорни лица на ГТЦ и со претставници од ЕВН, при што полицијата утврдила дека за броилата за кои вели дека се во приватна сопственост, не е утврдена каква било кражба на електрична енергија.

Според информациите кои ги доби Плусинфо, компанијата ЕВН врши дистрибуција на електрична енергија до главната трафостаница, а потоа струјата се распределува до сопствениците и до закупците на деловен и магацински простор во ГТЦ, но тоа го прави акционерското друштво.

– Во конкретниот случај, ГТЦ поседува свои приватни трафостаници, а Електродистрибуција врши мерење на потрошувачка на среден напон, односно на 10кВ. Ова значи дека делот на мрежата која е во сопственост на ЕВН, уредно ја регистрира и фактурира потрошувачката на ГТЦ. Останатиот дел од мрежата, односно внатрешната инсталација, не е во сопственост и надлежност на ЕВН Македонија – велат од компанијата за Плусинфо.

Дел од медиумите објавија дека вкупно 2,4 милиони евра за три години има потрошено Градскиот трговски центар во Скопје за набавка на електрична енергија од добавувачот Енерџи Актив. Претпријатието ГТЦ за последната набавка на електрична енергија исплатила 765.000 евра, каде што цената за потрошен мегаватчас е фиксна и изнесува 3.693 денари, покажуваат податоците од договорот за јавна набавка објавен на Бирото за јавни набавки. Тоа значи дека ГТЦ од Енерџи Актив купува еден киловатчас во вредност од речиси 3,7 денари. Но, според сметките во кои имало увид Радио Слободна Европа, сопствениците на дуќаните во ГТЦ преку фактура плаќаат по 15,9 денари од потрошен киловатчас.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.