ЕвроБаскет 2022: Финска преку Хрватска во четвртфиналето

Кошаркарската репрезентација на Финска во неделата во Берлин во осминафиналниот дуел од континенталното првенство со 94:86 (20:21, 25:22, 22:22, 27:21) ја совлада селекцијата на Хрватска и се пласираше во четвртфиналето.

Во редовите на Финска брилјираше Лаури Марканен со 43 коша и 9 скокови, Сасу Салин додаде 17 поени. Во составот на Хрватска, пак, најдобар беше Бојан Богдановиќ со 23 поени, Џејлен Смит додаде 17 коша, додека Дарио Шариќ остави 12 коша со 8 скокови и 6 асистенции.

Финска го „прекрши“ дуелот со серијата 10:0 со којашто од 77:77 на 4,48 минути пред крајот се одлепи на 87:77 на 2,24 минути до крајот. Во тој период Хуф и Салин погодија „тројки“, додека двата обида на Богдановиќ за три поена беа непрецизни.

Во четвртфиналето во вторник Финска ќе игра против Шпанија, додека Хрватска третпат со ред е елиминирана во осминафиналето на Европското првенство.

Позната е уште една четвртфинална двојка, Словенија ќе игра против Полска која претходно во неделата ја совлада Украина, додека Франција и Германија го очекуваат своите ривали.

Франција ќе игра против победникот од дуелот Србија – Италија, а Германија против подобриот од соочувањето меѓу Грција и Чешка.