ЕвроБаскет 2022: Полска преку европските прваци во полуфиналето

Во полуфиналето на европското кошаркарско првенство против селекцијата на Франција ќе играат Полјаците кои во средата вечерта во Берлин направија сензација и во четвртфиналето ги совладаа актуелните шампиони на Стариот континент Словенците со 90:87.

Полјаците одиграа неверојатен натпревар, особено во првите две четвртини. Шутерски ја раштркаа одбраната на Словенија, особено во втората делница којашто ја добија со дури 29:13. Пред самиот крај на вторите десет минути Словенците успеаја да направат мини-серија, па на одморот Полјаците заминаа со водство 58:39.

Во второто полувреме се чекаше одговорот на Словенија, бидејќи очекувано беше дека шутот на Полјаците не може да продолжи во истото темпо. Одговорот дојде многу брзо и Словенците третата четвртина ја добија со дури 24:6, па така пред почетокот на решавачката делница Полска имаше предност од само 64:63.

Во последните десет минути се водеше голема и неизвесна борба, а во самата завршница останаа и без индиспонираниот и веројатно и повреден Лука Дончич поради пет прекршоци. По многу грешки и менувања во водство, Полска со неколку прецизни удари од дистанца на Матеуш Пинитки кој повторно погодуваше од сите позиции, сепак дојде до водство од 89:80 на минута пред крајот. Но на 30 секунди до последната сирена по низата грешки на полските играчи Словенија се закани доаѓајќи на заостанување од само 87:90. Сепак, последната шанса да израмнат Словенците несмасно ја одиграа во нападот.

Понитка со 26 поени беше прв стрелец кај Полска, а на тоа додаде дури 16 скокови и 10 асистенции. ЕјЏеј Слоутер одигра во поле одлично во решавачките минути и мечот го заврши со 16 коша, 6 скокови и 4 асистенции, додека Соколовски исто така уфрли 16 коша.

Влатко Чанчар со 21 кош беше прв стрелец кај Словенците, Дончич сепак впиша 14 поени со 11 скокови и 7 асистенции, но имаше и 6 загубени топки и лош шут 5 од 15 обиди. Горан Драгич постигна 17 поени со 5 скокови и 4 асистенции.

Полска ќе игра во полуфиналето со Франција којашто, како и во осминафиналето мина по продолжението, ја совлада Италија со 93:85.

Во вторникот полуфиналните дуели ги обезбедија Шпанија и Германија. Шпанците со 100:90 беа подобри од Финците, додека Германците изненадувачки ги надиграа фаворизираните Грци со 107:96.

Двете полуфинални соочувања на распоредот се во петок, а финалниот дуел и мечот за третото место се во недела.