Еврогрупата ја одложи одлуката за Грција, го потврди крајот на спасувачката програма за Ирска и одобри уште една транша помош за Кипар

Еврогрупата ја одложи за следната година одлуката за продолжување на финансирањето на Грција, го одобри доделувањето на третата транша од помошта за Кипар и го потврди крајот на спасувачката програма за Ирска, пренесе „ИТАР –ТАСС“.

На вчерашната средба во Брисел, министрите за финансии на 17-те земји од еврозоната направија преглед на спасувачките програми за држави од групата, осигурени од Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Еврогрупата ја одложи за следната година одлуката дали да ќе се продолжи помошта за Грција, објави по завршувањето на седницата нејзиниот претседател, холандскиот министер за финансии Јерун Деиселблум.

Деиселблум истакнал дека прво треба да се добијат резултатите од третиот извештај на Тројката кредитори, чија делегација пристигнува во Атина вечерва. Грција постигна одреден напредок, признал Деиселблум, повикувајќи на понатамошна консолидација на државниот буџет во услови на сложена политичка ситуација, висока невработеност и социјални тензии.

Еврогрупата го одобри доделувањето на третата транша од помошта за Кипар, во износ од 100 милиони евра, пофалувајќи ја островската земја за сите напори што ги вложила досега.

Кипар доби до моментов две транши во износ од вкупно 4.7 милијарди евра. Вкупниот износ на помошта предвидена за земјата, изнесува 10 милијарди евра.

Еврогрупата го потврди официјално крајот на спасувачката програма за Ирска, соопшти по завршувањето на седницата еврокомесарот за економски и монетарни прашања, Оли Рен. Тој ја пофали земјата дека завршила одлична работа, што овозможило не само да биде стабилизиран националниот банкарски сектор, туку и да се намали невработеноста.

Ирска доби вчера официјално зелено светло за последната транша од помошта, во износ од 1,4 милијарди евра, истакнал Рен.