По Барселона и Олимпијакос, на фајналфорот на Евролигата што од 19-ти до 21-ви мај ќе се одржи во Каунас се пласираа и кошаркарите на Реал Мадрид и Монако.
Во петтиот натпревар од четвртфиналето, Реал Мадрид го совлада Партизан со 98:94 и со три победи ја доби серијата со 3-2.
Партизан ги доби првите два натпревара во Мадрид, Реал возврати со две победи во Белград, а петтиот, решавачки меч, кој повторно се играше во Мадрид, му припадна на домаќинот, иако белградскиот тим на полувремето имаше 16 поени разлика (55:39), а на стартот од третата четвртина големи плус 18 (59:41).
Сепак, Реал најде сили за голем пресврт. До крајот на третиот период домашните намалија на 69:76, а на почетокот на последната четвртина израмнија на 81:81. Реал потоа отиде на плус 5 (88:83), а потоа и на девет поени предност (97:88).
Партизан се доближи на 94:97 на 40 секунди до крајот, а на 24 секунди до крајот Кевин Пантер промаши „тројка“ за израмнување. Марио Хезоња ја фати топката и потоа изведе слободно фрлање за 98:94. До крајот на натпреварот и Данте Ексум промаши уште едн обид за „тројка“ на гостите од Белград.
Џанан Муса го предводеше Реал до победата со 20 поени и шест скока, а Серхио Родригез со 19 поени, од кои 13 во вториот дел, и шест асистенции. Хезоња постигна 13 поени со три скока за 32 минути поминати на паркетот. Кај Партизан најефикасни беа Пантер со 28 и Ексум со 16 поени.
Реал во полуфиналето ќе игра против Барселона, која го елиминираше Жалгрис во само три натпревара.
Во вториот меч вечерва Монако го победи Макаби Тел Авив со 97:86 и во серијата од три победи забележа и 3-2. Монако, така, првпат се квалификуваше на завршниот турнир и стана првиот француски тим што стигнал на Фајнл-фор по АСВЕЛ во 1997 година.
По првата четвртина израелскиот тим водеше со седум разлика (33:26), но домаќинот го сврте резултатот и на пауза замина со плу 4 (53:49). Во третата четвртина екипата на Кнежевството имаше осум поени предност (57:49), но до крајот на четвртината Макаби намали на 72:70.
Во последната делница гостите поведоа со 79:76, но Монако потоа тргна во серија од 10:0 и отиде на 86:79. До крајот на натпреварот предноста на домашните само растеше, во еден момент имаа и 12 разлика, а на крајот мечот заврши со резулатот 97:86.
Мајк Џејмс и Џордан Лојд го предводеа Монако до победата со по 21 поен, додека Донта Хол и Чима Монеке постигнаа по 10 поени. На спротивната страна најефикасен беше Вејд Болдвин со 27 поени, седум асистенции и шест скокови. Лоренцо Браун и Џерел Мартин додадоа по 12 поени.
Монако во полуфиналето ќе игра против Олимпијакос, кој во вторникот во петтиот натпревар од четвртфиналето го совлада Фенербахче со 84:72 и ја доби серијата со 3-2.
Интересно, три од четирите четвртфинални натпревари беа решени по пет одиграни натпревари. Само Барселона со „чистка“ го елиминираше Жалгирис.
Фајнл-форот на Евролигата ќе се игра во „Жалгирис Арената“ во Каунас. Полуфиналните натпревари се закажани за 19-ти мај, а натпреварот за третото место и финалето на 21-ви мај.