Европа е единствениот регион во светот каде расте смртноста од Ковид-19

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека бројот на смртни случаи во Европа минатата недела се зголеми за пет отсто и дека Европа е единствениот регион во светот со зголемување на смртните случаи од Ковид-19.

СЗО додаде дека бројот на потврдени случаи на инфекцијата на глобално ниво е зголемен за шест отсто. Од 3,3 милиони нови случаи – 2,1 милиони се регистрирани во Европа. Ова е седма недела по ред како расте бројот на нови случаи на инфекција со Ковид-19 во 61 земја од европскиот регион, што се протега од Русија до Централна Азија.

СЗО вчера соопшти дека бројот на смртни случаи од коронавирус секаде во светот е стабилен или во опаѓање, освен во Европа. Оттаму додаваат, пренесуваат американските медиуми, дека бројот на нови инфекции во Африка, Блискиот Исток и Југоисточна Азија од јули е во опаѓање.

Во Европа, најголем број нови случаи е забележан во Русија, Германија и Обединетото Кралство.

СЗО забележува дека смртноста од Ковид-19 во Норвешка  е зголемена за 67 отсто, додека во Словачка за 38 отсто.