Европа, Европа, Европа…

Од кај ви таа акутна психопатолошка потреба веднаш ко демек стручњаци у бела гаќа и рамбовка посадени пред лапај врз топот, да се просерава за секоја актуелност? Мислите дека така сте нешто ИН? Дека се го насетиле зетгејстот? Дека сте широкосвесен? Не, сите тие ваши/наши пишанки се нарачки кои ќе исчезнат како прдеж во ветерот… да си го испародирам блејдранер… и никогаш никој нема да се наврати на нив. И што ако хонорар? Зад себе оставаме искористена тоалетна, иако е дигитална сепак, корне на кака. Затоа постојат какалумни на Грчев, Тричко, Аналниот, статуси на Злориџански, Аманпосра и плејада анални владини тампони-увлакачи.

Гастритично дегутантно ми е да пишам про и контра – вакцини, попис, избори, локални… затоа што стампедото од ванаби, ја направи темата тривијална, а згора ни читателите не ни веруваат кога како на копче ќе се истопотариме со иста тема во исто време, убеди некој дека не е поручка (за тупан). Знам, пишувам за портал, дневно политички и актуелни теми и во скизофренијата на тридена – „пу, пу, помина- заборави“. Еве, никаде не можам да најдам макар ред за нашата евро иднина, ако ја има воопшто бидејчи, ја „спичкавме“ Југославија, оти така морало за да се влезе у јуропа, а наместо тоа добивме „маломорген-шиомигаџура – шенгеничи“. О куку ноне! Па, тенкјуендфакју, ама пребрзо ми мотате трчи-лжи, па сакам да си кажам што па ја мислам, целата поента, ќе биде во последната, најпоследната на оваа долга пишанка која е таква направена како 13-та сарма, да не може да се дојаде, пардон дочита (сарма = 200 грамска, не оние прцулчиња ззза пополнување падната пломба)

Јуропа

До осумдесетите, идејата и практичното постоење за обединета Европа беше авангарда, нешто што требаше да биде знаменосец на новото светското прогресивно, ем модерно општество, нов пазар, голем колку и американскиот, кој ќе треба и да го надмине, базиран врз такви цивилизациски, културни, морални вредности кои едноставно немаше да имаат никаква конкуренција во светот. Секако, Европа ги има сите тие потенцијали, во секој поглед, таа нејзина слика силно блеска од билбордите на кои пишува Комензи, Вилкомен, а ние, кутри напатени деца на транзицијата го видовме крајот на виножитото… но, наместо да добиеме 10 заповеди и да следиме некој свој локален пророк кој ќе ја раздели водата за да народот конечно премине, да се храни со амброзија и за ништо повеќе да не се грижи во животот, ние добивме ужасен лавиринт кој мисијата ја прави невозможна.

Јас сум од онаа генерација кој талкала со ранци низ Европа, спела по железнички станици, паркови, плажи, заедно со иљадници и иљадници други млади од целиот свет. Не знам каде се не сум преспал и во чии се домови добри луѓе ме примиле, но исто така голем број на стопери со ранци преспале кај мене. Не можел човек со ранец кој талка по скопските улици, јас да го видам, а да не преспие кај мене. Тоа беше фантастична можност за дружење, создавање нови пријателства, размена на адреси и возвратни посети. А, кога ќе отидевме таму, третирани како еднакви заедно ги голтавме убавините на животот, пред се’ во лесното минување на гранците, дружењето, одењето на далечни места. И никому ништо не фалеше, Д од дрога немаше, ретко некоја трева ќе се издувавме, ама не како денес, тоа да биде целта повеќе пати на ден, напротив, а и секако, да се проба туѓото пиво и веднаш да се покани гостинот да го проба нашето кога ќе дојде.

Кога ќе ги спискавме сите пари, лесно не примаа да поработиме некој месец колку да можеме да продолжиме, или да се вратиме. Ретко кој гледал да ја киниса печалбарски. Ние младите баравме нешто за клецкање и денсање, добри и полни дискотеки. Се шлаевме насекаде и не налетав никогаш, па дури и во најснобовските места на аристократите во Швајцарија, Франција, да бидеш третиран како алиен, како криминалец, нижа класа, не дека немаше, ама беше преретко.

Но, оваа слика ја нема повеќе, таа безгрижност умре кон крајот на 80-те. И кај нас и кај нив. Срамно е но повеќе слободен проток на луѓе имаше пред ѕидот одошто денес. Денес и покрај визната либерализација, не е тоа таа убава заводлива лесна Европа која ние ја сакавме и обожававаме, безбедна да преспиеш на било која клупа во било кој град. Ужасни и ригорозни полициски контроли се денес, а само помислете да преспиете на плажа или во парк во било која европаска земја ќе ве истретираат како најдолен криминалец и потенцијален терорист.

Да, се сменија работите, старата дама сега е намќор баба и под око го гледа и му мрчи на секој кој сака во нејзиниот двор. Ја загуби ли Европа онаа душа која не’ заведе сите уште од времето? Секако дека оправданието за опасноста од радикалниот ислам и тероризам и демне над глава како дамоклов меч, а загора на тоа и нејзиниот огромен економски бум се покажа дека е живот на најобична лихва, задолжување и презадолжување, јадење на иднината на своите деца.

На времето Тачер беше страшно критикувана како ретроградна кога велеше дека Грција ниту треба, ниту е спремна да влезе во ЕУ, а денес нејзините визии стануваат стварност. Фикцијата на Манчевски во „Пред дождот“ дека и улиците на Лондон се исто толку безбедни колку и било кој балкански простор, стануваат реалност на секојдневицата, па дури и доаѓа до обратно, инаку како ќе толкувате секој ден се поголем број на луѓе со ранци низ земјава? Повеќе странци со ранци има во земјва денес и покрај се’, одошто сега таму.

Зошто дојде до ова? Најверојатно одоговорот треба да го даде некоја умна глава, а јас прво би пошол од тоа што Европа, како творба на христијанската цивилизација ги отфрли сите заслуги и своето наследство кое го имаше два миленијума, наместо да создава здраво општество, се изроди една дегенереирана безидејна про-левичарска демагогија чии правци на делување беа некакви квази-права и квази-демократија за субкултури која доведе до тоа да се преплави унијата со нешто што било маргинално да стане меинстрим… дрога, алкохол, проституција, педофилија. Ова не е постхристијанска Европа, ордите пијана младина повеќе наликува на предхристијанска, паганска Европа… и како фил-руж, поттикнувањето на радикалниот ислам.

Оваа Европа нема препознатлив лик на убавина која во очите и се гледаат еоните на култура и цивилизација, нејзиниот поглед е дамлосан, како надуван џанак, со превез преку лицето да го сокрие грчот на устата.

Џорџ Сорос последно кажа, ЕУ е на работ, сега се’ зависи од тоа дали Германија ќе влезе во рецесија, ако влезе, мајн гот ќе биде.

(во овие околу преку 120 реда, зборот Европа е употебен 11 пати, текстов мора да биде оценет како проевропски)

Да, од најавата дека логоречно-фонтовска долгозборка, прво честитка за најупорните кои ја прочитаа до крај (дали сте бре нормални?), а второ, напишана е во 2011 година. Не се тревожете ова е мој трип на повторно отворање на чакрите. Харе харе еуро еуро

Автор: Јанко Илковски за НетПрес