Европа на прагот на нова рецесија?

71

Дека Европа од економско заздравување повторно е на прагот на нова криза и рецесија, потврдуваат многу фактори. На ниво на Европската унија, економијата во вториот квартал не покажа никаков раст, јавниот долг континуирано расте, невработеноста никако да се намали, па е стационирана на болни 11,5 отсто, пишува порталот „Курир“.
Ваквата состојба е катастрофална според аналитичарите, најмногу поради тоа што следува после четири квартали незадоволително заздравување од последниците од финансиската криза проследена со високо ниво на јавен долг.

Иако земјите од ЕУ според пропишаните правила треба да го одржуваат нивото на јавен долг под 60% од бруто домашниот производ, а буџетскиот дефицит да не надминува 3%, ретко која земја го почитува тоа. Покрај политиката на „стегање на ременот“ со цел економијата да се врати во нормала, земјите дополнително почнаа да се задолжуваат за да ја поттикнат економијата. Тука настанува и една од главните дилеми помеѓу лидерите на земјите од ЕУ- дали политиката на штедење и строгите реформи се вистинскиот пат за излез од кризата, или поттикнувањето на потрошувачката може да ја спаси економијата?!

И покрај преземените реформи, долгот на земјите од еврозоната порасна блиску 94%, а на ниво на ЕУ достигна 88% од БДП. Стариот континент ниже лоши економски показатели, истовремено притискајќи ја Русија со нови санкции. Досега најсилната економска алка, Германија, забележа пад на БДП-то од 0,2 проценти за втората половина од годинава и севкупно послаб резултат од очекуваниот, а Италија западна во трета рецесија.

И економиите од Централна Европа, кои досега беа предводнички на европското забрзано заздравување, се соочуваат со тешкотии. Во Полска, најголемата економија во овој регион, во август втор месец по ред паѓа индустриското производство, а во Чешка и Унгарија дополнително забавува. Земјите од овој регион дополнително се соочуваат со пад на економската активност поради бавното опоравување на еврозоната и влијанието на украинската криза.

Според последните податоци, земјите од Еврозоната, кои се најразвиени во Европа, економски стагнираат во споредба со претходниот квартал, со што се прекина трендот на минимални, но позитивни, стапки на раст. На ниво на Европската унија, пак, забележан е незначителен раст од 0,2%, што воедно значи и забавување во однос на растот од претходните четири квартали.

Аналитичарите предупредуваат дека некои параметри укажуваат дека Европската унија може по трет пат да се најде во рецесија, по негативните стапки кои се остварија како резултат на светската економска криза во 2008 и европската должничка криза во 2010 година.

Според експертите, ова е само почеток на влијанието на економските санкции и тешко е да се пресмета нивното влијание до крај. Дел од европските лидери спасот го бараат во Европската централна банка, која веќе имплементираше нови финансиски мерки и најавува дека е подготвена да помогне и повеќе, но ефектите сеуште не се видливи.

Како ќе влијае новата криза врз Македонија?!

Заради економската поврзаност на земјите од Југоисточна Европа со ЕУ, ефектите од претходните кризи силно се почувствуваа кај земјите од регионот, вклучително и во Македонија. Но, како може да влијае новата ситуација врз македонската економија?!

Експертите прогнозираат дека може да се почувствуваат минимални последици, иако Македонија имаше најдобри резултати на регионално и европско ниво. Препорачуваат внимателно следење на ситуацијата во Европа и навремена реакција.

Македонската економија е со позитивен раст, но кризата во еврозоната треба внимателно да се следи, предупреди универзитетскиот професор Томе Неновски. Вели дека случувањата во Унијата, може но не мора да не погодат, се зависи од тамошните пазари.

„Она што може и што силно и се заканува на ЕУ нема во голема мера да ја загрози Македонија, меѓутоа дека може да дојде до одредени повреди, тоа е секогаш извесно. Ние треба да се трудиме со сите расположливи инструменти тие повреди да бидат што помали“, вели Томе Неновски, универзитетски професор.

Македонија е финансиски добро подготвена и може да се справува со последиците доколку европската криза би се прелеала тука. За капиталните инвестиции во буџетот се обезбедени средства, можно е само мало пролонгирање на проектите кои се веќе започнати.

Неновски смета дека остварувањата во овој период ни даваат оптимизам дека ние успешно ќе се соочиме со таквите предизвици и дека на некоја начин сме, и психолошки и материјално подготвени да пречекаме уште една економска криза.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.