Европа од иднината го мачи Марио Драги

„Европа од иднината“ овие денови го мачи Марио Драги, претседателот на Европската Централна Банка, но и моќниот Управен совет на оваа институција со седиште во Франкфурт.

Деловно економичен на зборови, Драги неодамна не пропушти да забележи дека „кризата во еврозоната не би била така сериозна доколку регионот оствари поголема интеграција. Иднината исто така зависи од поголемиот степен на интеграција…“, предупреди претседателот на Европската Централна Банка.

Во понатамошното набројување на препреките за заздравување на стопанството во еврозоната, Драги издвои: невработеноста на работ на неславен рекорд, ризик на развлечениот период на ниска инфлација (0,5 отсто наместо зацртаните 2 отсто) и силно евро „до раб на болка“ (особено за должниците и извозниците).

По тој повод Драги најави дека ЕЦБ е спремна на почетокот на јуни да разгледа неконвенционани мерки за монетарна поддршка на стопанството,  кое судејќи според извештаите, во првиот квартал заздравува многу послабо од очекуваното. Имено, БДП на еврозоната во првиот квартал на 2014 година пораснал за 0,2 отсто (очекуваниот раст бил 0,4 отсто), а двете водечки економии се во состојба помеѓу замрена (Франција) и нагло оживена (Германија).

Намигнувањето на Драги, дека ЕЦБ би била сремна и на неортодоксни мерки личи на неговото ветување од јули 2012година дека ЕЦБ е спремна да направи „се што треба“ за да го спаси еврото“ од тогашното опаѓање. Неговиот збор – и мерките кои ги нарече пакет „Дебела Берта“ (по германската хаубица од Првата Светска војна) – го сопреа тогашното понирање на валутата и ја зауздаа приказната за неминовното излегување на Грција од монетарнaта унија.

Овојпат, Претседателот на ЕЦБ Марио Драги не прецизирал на што се е спремна ЕЦБ за да го сопре драматичниот пад на инфлацијата („Драги замалку не изусти „дефлација“- тврди германскиот Шпигел), но соопшти дека планот за акцијата ќе биде претставен во јуни.

Во меѓувреме, ММФ и презадолжените членки на јужното крило од еврозоната наголемо стравуват од дефлација: долгиот период на падовите на цените кога населението го изгуби апетитот за трошење, а бизнисот останува без профит па покренува бран масовни отпиштања…

Драги со отворен сарказам ги отфрли советите на ММФ за итно разлабавување на монетарната политика во еврозоната (помеѓу другото се мисли и на здушно печатење на евра).

Одлучен да ја одбрани независноста во кроењето на монетарната политика, ЕЦБ сепак веќе подолго време нема одгатнување на многубројните прашања кои зависат од здружената работа на Брисел и Франфурт.

За голем дел од капиталните прашања нема слога меѓу  Брисел – Франкфурт- Берлин – Париз…  Дали се неопходни реформи на гласачките правила во Управниот совет на ЕЦБ, по кои секоја земја членка има еден глас, на пример така што- како што некои германски политичари одамна заговараат – Берлин заради уделот на влогот и влијанието, конечно да стекне право на вето…

Откако беше соопштено дека Француското стопанство има нулта развој и рекордниот скок на германскиот БДП, а најголем квартален скок од 2011година, плановите на ЕЦБ се сериозно отежнати.  Европејците просто немаат повеќе исти очекувања од сопствената заедница“ оценува „Волстрит Журнал“.

Продолжениот пад на инфлацијата која ги сопнува инвестициите се јавно стравување на Европската Централна Банка.

„Доколку геополитичките ризици поврзани со збиднувањата во Украина се заострат, еврозоната би претрпела сериозни последици од било кој друг регион на светот. Зад тоа би можела да се изроди доста сложена геополитичка слика..“ , предупредува Драги.

Така, со недостаток на жар за меѓусебните интеграции во текот на минатата фаза на кризата и со вознемирувачки поглед кон украинската криза денес, еврозоната и нејзините партнери не треба во јуни да очекуваат  „еликсир на животот“ од Европската Централна Банка.

Она што веќе со извесност се знае е тоа дека мнозинството Европејци допрва очекува кризата да го дотигне најтешкиот стадиум, открива најновот Евробарометар. Скептични кон егзистенцијалната иднина – скроена по досегашните мерки во Брисел – Европејците на изборите наредната седмица ќе имаат прилика да се изјаснат каква Европа сакаат, оценува шефот на белгиската дипломатија Дидие Рејндерс.

Европската криза е далеку од крајот, особено со растечката армија невработени млади. Неправедно е да се тврди дека крајот се наѕира кога на повидок сеуште нема решенија за оживување на застанатото европско производство.

Така оваа седмица европската кризна дијагностика ја постави Жан Клод Јункер, долгогодишен премиер на Луксембург и еден од фаворитите за нареден претседател на Европската Комисија, по европските парламентарни избори наредната седмица.

Што мислат европските бирачи за политичарите кои од 2009 ги кроеја решенијата, најтешката индустриско-финансиска криза од создавањето на континенталната унија, ќе биде појасно во недела на 25 мај, кога ќе бидат соопштени резултатите од гласањето за новиот состав на европскиот парламент.

Острите развојни разлики меѓу земјите членки во еврозоната ја отежнува задачата  на Европската Централна Банка да најде рецепт за општо заздравување на ЕУ.