9.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

Европа стравува од инфлација: Работодавците претпочитаат да даваат бонус наместо зголемување на платата

Платите во еврозоната растат, но може да се покаже како привремено, бидејќи работодавците во целиот 19-член блок претпочитаат да даваат еднократни бонуси наместо постојано зголемување на платите поради неизвесните изгледи за економски раст и инфлација.

Преферирање на работодавците да даваат повремени покачувања може да биде фрустрирачко за работниците кои се борат со кризата и трошоците за живот, но тоа ќе биде поздравено од креаторите на политиката на Европската централна банка кои стравуваат од самоодржлива спирала на раст меѓу платите и инфлацијата, пишува Ројтерс.

Поради инфлацијата од 8,0 отсто во еврозоната, семејствата забрзано ја губат куповната моќ, па прашање на време е кога ќе побараат зголемување на платите, поттикнати од рекордно ниската невработеност и недостигот на работна сила, што е се поболен проблем за компаниите.

Од друга страна, нивното трошење дополнителни пари за возврат би поттикнало уште поголема инфлација, која ЕЦБ сака да ја врати на целната стапка од 2,0 отсто.

Работодавците, пак, се обидуваат да се спротивстават на големите зголемувања на платите бидејќи гледаат дека војната во Украина го поткопува економскиот раст и се надеваат дека сегашниот скок на инфлацијата ќе биде поттикнат од привремените цени на енергенсите.

Површно, се чини дека податоците сугерираат дека работодавците и ЕЦБ полека, но сигурно ја губат битката – платите во еврозоната пораснале за 2,8 отсто во првиот квартал. Ова беше нивната најбрза стапка на раст од почетокот на 2009 година, поттикната од зголемувањето на платите за 4,0 отсто во Германија, најголемата од 19-те економии што ја сочинуваат еврозоната.

Меѓутоа, кога се исклучени еднократните плаќања, зголемувањето на платите во Германија беше само околу 2,0 отсто, што покажува дека компаниите ги зголемиле приходите на вработените за да ги ублажат ефектите од инфлацијата и пандемијата, но на ограничен начин што не треба да ја поттикнува инфлацијата.

Фактите покажуваат дека компаниите од Италија до Франција и Холандија преземаат слични чекори за зголемување на платите за да ги надминат сегашните тешкотии, но тешко дека тоа ќе се претвори во трајно зголемување на платите.

Околу 15.000 работници на аеродромот Шипхол во Амстердам добија дополнителни 5,25 евра на час во текот на летото за да го ублажат сериозниот недостиг на персонал кој ги принуди авиокомпаниите да откажат стотици летови оваа пролет.

Во Франција, владата на претседателот Емануел Макрон активно ги охрабрува компаниите да го ублажат негативното влијание на инфлацијата врз вработените преку разни бонуси кои не се оданочуваат, како што се дополнителни пари за плаќање превоз до работа.

И во Италија, каде што растот на платите е сè уште пригушен, некои компании плаќаат значителна еднократна помош на работниците како форма на компензација за инфлацијата и со цел да се спречат барањата за зголемување на платите.

Производителот на очила Лукотика неодамна им понуди на работниците голем бонус пред оданочување од 3.800 евра, а неговиот помал ривал Де Риго на вработените им даде бонус од 1.000 евра на вработените кои заработуваат помалку од 40.000 евра годишно.

Други истакнати италијански компании кои ја прифаќаат истата стратегија се производителот на обувки Geox и производителот на кочници Brembo.

„Работодавачите се вкопаа и не сакаат повторно да ги отворат преговорите за платите. Затоа работниците се откажуваа и поднесуваа отказ“, рече Борис Пласи, одговорен за преговорите за платите во францускиот синдикат CGT.

Германскиот синдикат ИГ Метал минатиот месец излезе на насловните страници барајќи зголемување на платите за 8,2 отсто на работниците во челичната индустрија, што работодавачите го одбија и наместо тоа понудија еднократна исплата, па не е исклучен можен штрајк таму.

Војната во Украина е уште еден фактор што го попречува растот на платите, бидејќи мрачната перспектива и се почестото спомнување на можна глобална рецесија предизвикува страв кај луѓето за работни места.

Германската централна банка, Бундеснбанк, соопшти дека „во претстојните преговори за платите, неизвесноста околу економскиот развој и загриженоста за можните загуби на работни места може да го задуши зголемувањето на платите“.

Но, освен наглото забавување на економијата, забрзаниот раст на платите во евра е само прашање на време, а начелниот договор на Европската унија за Директивата за соодветни минимални плати, постигнат во вторник, веројатно ќе го забрза тоа, се заклучува во текстот.

извор: denar.mk