Европа зафатена од најголем топлотен бран во последните 70 години

Во Европа вчера од Сахара пристигна топлотен бран кој се предвидува дека деновиве ќе донесе температури близу 40 Целзиусови степени, а за таа цел властите упатуваат предупредувања до граѓаните.

Франција вчера ја зафати портокалова фаза во неколку окрузи меѓу кои беше и подрачјето околу Париз. Претседателот Емануел Макрон изјавил дека “целата влада е мобилизирана”, додека Франција се сеќава на 15-те илјади жртви на топлотниот бран во 2003 година.

Во Париз вчера попладне биле измерени 33 Целзиусови степени, во Лион 35, а утре во овој град се очекуваат температури и до 40-тиот Целзиусов степен. Таква температура се очекува и во некои градови во централна и источна Франција. Најтоплиот период ќе биде помеѓу четврток и петок.

Француската метеоролошка служба смета дека ова е најголемиот топлотен бран од 1947 година, односно од годината од која оваа земја собира податоци.

Поради пеколните горештини, во Франција се одложени матурските испити за следната недела, а француската железничка компанија “SNCF” обезбедила 450 илјади шишиња студена вода и речиси 200 илјади оброци за патниците во случај на пореметување на сообраќајот. Еден малопродажен ланец објавил податок за зголемување на продажбата на клима уредите и вентилаторите за 300 отсто во однос на минатата година.

Шпанската метеоролошка служба издала низа предупредувања за граѓаните и предупредува на опасност од пожари во некои делови од земјата. Температурата во Шпанија би можела да го прејде 40-тиот степен, а во четврток би можела да достигне и до 42 Целзиусови степени.

Постои шанса Германија да биде погодена од топлотниот бран кон средината на оваа недела, кој се смета за најголем топлотен бран во последните 70 години.

Во Австрија се предвидува невреме, бури со грмотевици и температури до 37-тиот степен.

Југот на Скандинавија од денеска ќе има температура од околу 30 Целзиусови степени – во Данска и јужниот дел на Шведска.

Во Велика Британија е издадено предупредување поради можните силни бури.

Глобалното затоплување предизвикано од емисијата на штетни гасови и феноменот на стаклена градина ја зголемува ваквата климатска појава која пристигнува од Африка, и тоа сè почесто ќе се повторува, тврдат научниците.

„Кога нема препрека за сончевите зраци, голем дел од топлиот воздух пристигнува од Африка”, изјавила Сабина Кригер од германската метеоролошка служба “DVD”. Со тоа, јужна Европа би била особено погодена, додала таа.