Европол: Европа е под сериозна терористичка закана

Терористичката закана во 28-те земји членкина Европската унија е „сериозна и разновидна“, и покрај намалувањето на бројот на нападите во изминатата година.

Ова е наведено во годишниот извештај на полициската организација на ЕУ – Европол, за терористичките закани и тенденции. Според документот, радикалните лица, кои заминале во други земји за да се борат на страна на екстремисти, како на пример во сириската граѓанска војна, „претставуваат остра закана за сите земји членки на ЕУ, при нивното враќање“.

Поради сириската војна „заканата за ЕУ веројатно дополнително ќе се големи“, се предупредува во документот.

Понатака во извештајот се наведува пример со седум лица убиени од терористи во 2013 година, вклучително и еден британски војник, ликвидиран со ладно оружје во Лондон од двајца екстремни поддржувачи на „Ал Каеда“.

Овој извештај на Европол се изготвува еднаш годишно врз основа на статистички податоци од националните полиции на земјите членки на Унијата.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Џон Кери, изјави дека Вашинготн ќе оформи „партнерски фонд за борби против тероризмот“, со буџет од околу пет милијарди долари, а со кој ќе се помагаат други земји во борбата против радикалните екстремисти, објави новинската агенција „Асошијтед Прес“.

Кери прецизирал дека претседателот на САД, Барак Обама, ќе го објави оформувањето на фондот во свој говор на воената академија Вест Поинт, во сојузната држава Њујорк. Американскиот претседател, пак, објави и план за окончување на военото учество на САД во Авганистан, пред крајот на неговиот мандат.

Кери дополнил дека токму тој план ќе им дозволи на САД да ги пренасочат ресурсите кон борбата против тероризмот во други делови од светот.

„Американската надворшена политика треба да биде агилна и да се прилагодува бргу, особено во сегментот во кој тероризмот е главен предизвик“, рекол Кери.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.