Европратеници бараат мониторинг на случајот со Камчев

Европратеници бараат мониторинг на случајот на македонскиот бизнисмен Јордан Камчев преку Делегацијата на Европската унија во Скопје и одговор од Европската комисија за континуирано кршење на неговите човекови права.

Четворица пратеници на Европскиот парламент покренуваат прашања до Европската комисија во врска со незаконскиот притвор на Јордан Камчев и континуираното кршење на неговите основни човекови права.

Прашањата кои тие ги покренуваат до Европската комисија се однесуваат на тоа како Европската комисија планира да ја насочи поддршката на Европската унија за  Македонија доколку постои контиунирано кршење на човековите права во земјата и докази за полициска бруталност.

Во тој контекст, четворицата пратеници на Европскиот парламент поставуваат конкретни прашања пред Европската комисија за случајот Јордан Камчев кој е обвинет за финансиски мотивирани, ненасилни злосторства, но е притворен под животно загрозувачки услови и покрај тоа што боледува од вродена срцева болест.

Постапката укажува на незаконски контекст (жалба за белешка од тајната служба, потенцијално пристрасен одговорен обвинител, 8 продолжувања на 30-дневен притвор, злоупотреба на фотографии од притворениот на неодамнешните избори од страна на владејачката партија…). Дополнително, неразбирлива е и одлуката покрај независните медицински препораки властите да одбијат да го преместат притвореникот во домашен притвор. Во истите прашања тие потсетуваат и на пресудата на Европскиот суд за човекови права против Македонија за докажана мотивирана полициска бруталност во случајот со Фатмир Мемедов.

Во прашалникот до Европската комисија овие четворица пратеници бараат мониторинг на случајот против Јордан Камчев преку Делегацијата на ЕУ во Скопје и бараат конкретни одговори на прашањата во однос на тоа како Комисијата планира да ја насочи поддршката на ЕУ за Македонија со цел да се елиминира повторно кршење на човековите права?

Исто така, на кој начин Комисијата ќе го поддржи унапредување на полициските методи во Македонија со оглед на доказите за расистички мотивирана полициска бруталност?

Дали Комисијата ќе ја следи постапката на г-дин Камчев од страна на Делегацијата на Европската Унија во Скопје и ќе ги повика властите во Северна Македонија целосно да ја почитуваат Европската конвенција за човекови права?

Пред две седмици беше објавено дека откако за доставеното барање не добива никаков одговор ниту одлука, одбраната на Камчев се обрати до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Обраќањето кон Европскиот суд за човекови права се однесува на третманот кој Камчев (не) го добива во затворот во Скопје по однос на неговата здравствена состојба. Тогаш
Европскиот суд за човекови права во Стразбур веднаш одговара на барањето на одбраната на Камчев барајќи одговори од Владата на Македонија за нивното непостапување/

Најдоцна до 24 ноември, Владата требаше да даде информација на Судот во Стразбур за барањето на жалителот од 29 октомври 2021 за издавање дозвола за влез во КПУ Затвор Скопје на доктор интернист/кардиолог, вешто лице од областа на интерната медицина за да изврши преглед на г-динот Камчев, испратено до Основниот Суд Скопје. Доколку е применливо, Судот во Стразбур ја бара на увид одлуката, доколку не е одлучено по барањето на жалителот Судот ја повикува Владата да го извести за причините зошто истата ја нема.

Исто така, Судот во Стразбур бара образложение од Владата на Македонија и за последниот медицински третман на жалителот во врска со неговата срцева состојба. Конкретно, на кој начин и до кој степен националните власти му обезбедиле на Камчев редовен медицински третман од кардиолог и/или медицински прегледи со помош на ехокардиографија и/или коронарографија?

Европскиот суд за човекови права согласно со правилото 39 од Правилата на Судот во случајот на г-дин Камчев, а поради причината на флагрантно и континуирано кршење на неговите основни човекови права, е во постапка за изрекување на времена мерка со која на Македонските власти треба да им се наложи под итно да извршат медицински преглед од кардиолог и итно ослободување и сместување во домашен притвор поради неговата влошена здравствена состојба.