Европската Комисија не знае кога Македонија ќе добие вакцини против коронавирусот

Вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во Брисел денеска се сретнаа со еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич, но не добиле конкретен рок кога Македонија може да очекува вакцини од ЕУ.

Изворите на МИА во Европската Комисија (ЕК) порачуваат дека институцијата не е во можност во овој момент да даде рок и ветување за достава на вакцини поради тоа што и самите земји членки на ЕУ се соочуваат со недостаток на дози за своето население.

Од ЕК го отфрлаат обвинувањата дека земји членки на ЕУ располагаат со повеќе дози отколку што им е потребно и тврдат дека нивните служби ги проверуваат овие наводи и тие “не се точни“.

– Очигледно е дека главниот проблем се наоѓа кај фармацевтските компании, или премногу ветија, или има некаков друг проблем, но работиме на тоа да откриеме што се случува – велат од Европската Комисија за МИА.

Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, попладнево соопшти дека испратила писмо до фармацевтската компанија АстраЗенека која најави дека ветените дози ќе доцнат и побарала конкретни одговори за тоа зошто се одлагаат ветените вакцини, ко-финансирани од ЕУ.

– Во иднина сакаме целосна транспарентност од компаниите кои произведуваат вакцини – рече комесарката, додавајќи дека од нив ќе се бара од сега точно да кажат на кои трети земји и колку дози се доставени, а ќе бидат преземени „потребни чекори“ од страна на ЕУ.

За Македонија и за регионот ова значи дека „во наредните недели“ нема да добие вакцини ниту од Ковакс, ниту од новиот „Механизам за споделување“ на ЕУ, најавен минатата недела.

Доколку Скопје сака да добие вакцини пред тие да бидат достапни преку хуманитарни механизми, има неколку опции: едната е директно да ги нарача од производителите, да ги откупи од други земји кои имаат вакцини, да чека донации, или да ги набави вакцините од Русија или Кина.

– Одлуката останува на владата во Северна Македонија, но треба да се има на ум дека ниедна од овие две вакцини не се одобрени во ЕУ, тоа е одговорност на властите кон сопствените граѓани, Европската Унија не се меша во оваа одлука – велат од Европската комисија за МИА.

Европската Унија, која е најголем финансиер во механизмот Ковакс, минатата недела одлучи да креира свој Механизам за споделување на вакцини со посиромашните трети земји. Овој Механизам треба да го покрие периодот на чекање додека Ковакс не стане функционален, што нема да се случи пред пролетта, според најавите.

Меѓутоа ниту овој нов Механизам на ЕУ не може да почне да работи и да достави дози до третите земји вон ЕУ, бидејќи недостасуваат вакцини и за земјите на Унијата.

Извор за МИА додава дека сепак во ЕК се оптимисти затоа што повеќето земји членки на ЕУ наскоро ќе почнат со втората доза вакцинација на нивното население, што би можело наскоро да значи и деблокирање на ситуацијата за Западен Балкан и останатите земји членки.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, од своја страна, исто така се обидува да добие доволно дози од земјите членки на ЕУ за соседството што е можно поскоро. Овие дози би биле приоритетно резервирани за медицинскиот персонал и најранливите групи.

Вархеји ова денеска им го порачал и на министрите за надворешни работи на ЕУ кои се состанаа во Брисел и бил “многу конкретен“, велат извори присутни на состанокот, за тоа што е потребно во знак на солидарност кон третите земји.

Доколку еврокомесарот успее да добие зелено светло за неговата иницијатива се очекува земјите од Западниот Балкан први да добијат вакцини пред останатите соседи на Унијата.

Од Комисијата исто така велат дека на земјите во регионот им помагаат и за сите други процедури како авторизации и национални стратегии.

Претседателката на Европската комисија минатата недела предупреди дека споделувањето вакцини со земјите со низок и среден приход е потребно и од себични интереси затоа што колку подолго циркулира вирусот во светот, толку поголеми се ризиците од опасни и вирулентни мутации.