Европската комисија препорачува отворање на границите на ЕУ со Западен Балкан од 1 јули

Европската комисија им препорачува на членките на Унијата да одобрат отворање на границите со земјите од Западен Балкан од први јули, со оглед на, како што велат, добрата епидемиолошка состојба на регионот.

„Епидемиолошката состојба во овој регион е иста или подобра отколку во ЕУ. Вкупниот број случаи во целиот регион е значајно помал отколку во ЕУ. Со оглед на важноста на регионот во однос на транспортот, рестартирањето на туристичките активности, Комисијата препорачува да се укинат рестрикциите на надворешните граници на ЕУ за земјите од овој регион штом истече рокот на тековната екстензија, односно 1 јули.“ – изјави Илва Јохансон – еврокомесарка за внатрешни работи.

Комисијата изрази подготвеност Западен Балкан да биде одблиску асоциран во спроведувањето на заедничкиот европски патоказ за укинување на рестриктивните мерки за Ковид-19. Еврокомисијата препорачува внатрешните граници на ЕУ да почнат постепено да се отвораат, а граничните контроли да прекинат од 15 јуни. Од ЕК бараат привремените рестрикции за несуштински патувања да се продолжат до 30 јуни во ЕУ, со оглед на подобрениот епидемиолошки тренд ширум Унијата.

„Што се однесува до третите земји, Европската комисија смета дека одлуката за влезот на граѓаните зависи од епидемиолошката ситуација во земјата за која станува збор и дека не може во овој момент да се препорача целосно отворање на надворешните граници на ЕУ за сите. Таа одлука меѓутоа не важи за земјите од Западен Балкан.“ – изјави Илва Јохансон – еврокомесарка за внатрешни работи.

Од Еврокомисијата велат дека Унијата е посветена да помогне за економското закрепнување на регионот на Балканот по Ковид кризата и дека е важно да се зајакне поврзаноста на регионот со европскиот пазар. Препораката на ЕК треба да биде одобрена од земјите членки во наредните денови.