Европската комисија вети нов пакет помош за Киев од 450 милиони евра

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лeјен, во четвртокот објави нов пакет помош за Украина во вредност од 450 милиони евра и други мерки за поддршка по состанокот на неколку комесари со членовите на украинската влада во Киев.

„Европската унија денеска испраќа многу јасна порака до Украина и пошироко за нашата колективна сила и решителност соочена со бруталната агресија на Русија“, се вели во соопштението на Фон дер Лејен.

Од новата финансиска помош, 145 милиони евра се наменети за хуманитарна помош, а 305 милиони евра за санација на оштетената инфраструктура. Соопштението е последно во серијата ветувања за помош дадени за време на посетата на фон дер Лејен и 15 други претставници на Комисијата на украинската престолнна.

Зборувајќи претходно заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателката на ЕК рече дека ЕУ ќе ѝ обезбеди на Украина 150 милиони евра за енергетска опрема, како и 35 милиони енергетски ефикасни светилки и 2.400 генератори по повторените руски напади врз енергетската инфраструктура.

 

Обука и деминирање

Високиот претстанвик на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, му потврдил на украинскиот премиер Денис Шмихал дека земјите од ЕУ планираат да обучат вкупно 30.000 украински војници, што ја удвојува претходната цел на мисијата за воена обука на ЕУ од 15.000 украински војници.

„Украинските војници ќе добијат специјализирана обука, како и технички инструкции за нова опрема, вклучително и тенкови Leopard 2“, објави Борел на Twitter.

Борел, исто така, ги сподели плановите со Шмихал да ѝ обезбеди на Украина 25 милиони евра за помош во финансирањето на операциите за деминирање.

„Заштитата на цивилите и нивните средства за живот е приоритет“, додаде шефот на дипломатијата на ЕУ во објавата.

Фон дер Лејен рече дека досегашната економска, хуманитарна и воена поддршка на ЕУ за Украина изнесува речиси 50 милијарди евра.

 

Забрзан прием на Украина во ЕУ

Европската комисија, исто така, потпиша договор со украинската влада што ѝ овозможува на земјата да се приближи до единствениот пазар на блокот во иднина.

Со цел Русија да биде одговорна за војната против Украина, ќе се формира центар за докази во Хаг, најави и Фон дер Лејен.

Украинската влада изрази надеж дека ќе започне формални преговори за членство „што е можно побрзо и успешно“.

Фон дер Лејен го пофали „импресивниот напредок“ на Украина во четвртокот, но пристапувањето е многу сложен и долг процес на правни реформи и усогласување со ЕУ.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата државата заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ „оваа година“.

„Верувам дека Украина заслужува да почне преговори за членство во ЕУ оваа година“, нагласи Зеленски пред средбаата со европските челници.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се очекува да пристигне во петок на средба со Зеленски, на која дополнително ќе се разговара за амбициите на Украина за пристапување во ЕУ.

Поддршката на ЕУ за претходно објавениот план од 10 точки на Зеленски за мир, обнова на Украина и правда за воените злосторства извршени од Русија, исто така, ќе биде на дневен ред во петок.