Европската тројка стаса во Киев

Германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанскиот премиер Марио Драги во четвртокот утрото пристигнале во украинската престолнина Киев, во нивната прва посета по почетокот на руските борбени операции во земјата.

Тројцата челници таму ќе разговараат со украинскиот претседател Владимир Зеленски за натамошна поддршка на Украина и за нејзината желба да стане членка на Европската унија. Лидерите на трите најголеми економии во Европската унија досега се најважната европска делегација која пристигна во Украина од почетокот на војната.

Воздушниот сообраќај над Украина поради судирот е блокиран, па тројцата лидери во Киев пристигнале преку Полска во воз од девет вагони. Тргнале за Киев од полскиот град Пшемишл кусо по полноќ.

Ноќното патување било планирано со денови, но од безбедносни причини наводно не било официјално потврдено до самото доаѓање во Киев, иако медиумите со денови известуваа за тоа. На тројката во текот на денот треба да ѝ се придружи и романскиот претседател Клаус Јоханис.

Оваа посета е особено важна за канцеларот Шолц по долгите напади од Киев за тоа дали требало порано да допатува за да ја искаже поддршката на Берлин. Зеленски со месеци создава притисок врз германските челници да „сторат повеќе“ во војната против Русија, вклучително и со давање на Украина тешко вооружување, како што се тенкови, Киев претходно го одби доаѓањето на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, обвинувајќи го дека е „преблизок“ со Москва.