Европски рекорд на ПСЖ

Фудбалерите на Пари Сен Жермен во натпреварот од 12-то коло на француското првенство во петокот вечерта ја постигнаа и дванаесеттата последователна победа со што поставија нов европски рекорд според бројот на победите на отворањето на сезоната совладувајќи го на својот „Парк на принцовите“ второпласираниот Лил со 2:1 (0:0).

Со дванаесеттата победа во низа ПСЖ го надмина рекордот кој досега го држеше Тотенхем Хотспур кој во сезоната 1960/1961 го започна натпреварувањето во англискиот шампионат со единаесет последователни триумфи.

Во дербито на колото ПСЖ успеа да ја пробие гостинската одбрана преку Килиан Мбапе во 70 минута, а Нејмар зголеми на 2:0 во 84 минута. Почесниот гол за Лил го постигна Пепе во третаа минута од судиското продолжение.

ПСЖ сега има максимални 36 бодови, 11 повеќе од вториот Лил и 14 од третиот Монпелје.

Во сабота се играат дуелите: Лион – Бордо, Ница – Амјен, Каен – Рен, Ремс – Монако, Стразбур – Тулуз и Дижон – Нин, а во недела Нант – Гинган, Сен Етјен – Анжер и Монпелје – Марсеј.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.