Европски совет: Брегзит на 31 јануари 2020 година

Европскиот совет одобри нов рок за излез на Велика Британија од Европската унија до 31 јануари следната година.

Британскиот премиер Борис Џонсон вчера прифати тримесечно одложување на Брегзит, но наведе дека тоа го прави против своја волја. Тој ја повика Европска Унија да не одобрува дополнително пролонгирање на излезот на Велика Британија од Унијата.

Џонсон во писмото упатено до претседателот на Европски совет Доналд Туск наведе дека според британските закони „нема право да направи било што освен да ја потврди формалната согласност на Велика Британија на продолжување“ на рокот за излегување од ЕУ. Британскиот премиер во писмото до Туск ги повика останатите 27 земји-членки на ЕУ да се погрижат да не биде возможно ново пролонгирање на Брегзит по 31 јануари.

Владата на британскиот премиер Борис Џонсон денеска соопшти дека ќе се согласи со амандманот кој го вложија опозициските партии за да се одржат избори на 11 декември.

Тој вчера рече дека ќе се обиде да го „протурка“ во Парламентот законот за одржување избори на 12 декември, но противниците сакаа порано.

Британскиот премиер, кој вети дека Брегзит ќе се случи на 31 октомври по секоја цена, повеќе пати бараше да се одржат избори за да се заврши, како што наведе, „кошмарот со парализата која ја одзема довербата на јавноста, спречувајќи секаков исход од Брегзит“.

 

Се наведува дека лидерите на држави или влади на ЕУ се согласуваат да дадат повеќе време за ратификување на изменетиот договор постигнат со Лондон. Исто така, се додава дека доколку британскиот и Европскиот парламент завршат порано со ратификацијата, одложувањето ќе важи до 1 декември годинава или до 1 јануари следната година.

Се до повлекувањето од ЕУ, Велика Британија останува членка на Унијата со сите права и обврски кои следуваат, соопшти Европскиот совет.