Европскиот парламент бара кандидатски статус за Украина и Молдавија „без одложување“

Европскиот парламент повика во четвртокот Украина и Молдавија да добијат кандидатски статус за членство во Европската унија „без одложување“, истакнувајќи притоа дека конечното пристапување зависи од спроведувањето на реформите и исполнување на критериумите.

Украина поднесе барање за членство на 28-ми февруари, четири дена по руската инвазија, по што на 3-ти март истото го побараа и Молдавија и Грузија. Европската комисија минатата седмица го објави мислењето за овие три барања и му препорача на Советот на ЕУ да ја потврди нивната перспектива. Оваа одлука се донесува и со согласност на Европскиот парламент.

Европратениците во четвртокот со 529 гласови „за“, 45 „против“ и 14 воздржани ја прифатија резолуцијата со којашто се повикуваат челниците на земјите членки кои во четврток и петок се состануваат на дводневниот самит во Брисел, на Украина и на Молдавија „без одложување“’ да им се додели кандидатски статус, соопштија од Европскиот парламент.

Европратениците сметат дека, исто така, на Грузија треба да ѝ се овозможи тоа кога ќе ги доврши потребните реформи. Во резолуцијата порачуваат дека тој потег би покажал водство, решителност и визија, истакнувајќи дека проширувањето е и во интерес на самата Европска унија.

Властите на трите земји се повикуваат „недвосмислено да ја покажат својата политичка решителност во поглед на спроведувањето на европските амбиции на своето население, така што ќе ги забрзаат реформите и што поскоро ќе ги исполнат критериумите за членството“ во ЕУ.

Европратениците истакнуваат и дека „не постои забрзан пат“ кон ЕУ и оти пристапувањето е втемелено на заслугите и структираниот процес со кој се бара исполнување на критериумите и ефикасното спроведување на реформите.

„Проширувањето нема алтернатива и тоа повеќе од кога и да е претходно преставува геостратешко вложување во стабилна, силна и обединета Европска унија“, се наведува во резолуцијата во која се бара и „ревитализација на процесот на проширување за државите од западен Балкан“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.