Европскиот парламент денеска гласа за Фон дер Лејен на чело на ЕК

34

Германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лејен, во вторникот може да стане првата жена на чело на Европската комисија, доколку успее да добие мнозинска поддршка на пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.

Урсула фон дер Лејен за претседателка на Европската комисија ја предложи Европскиот совет, по долги и мачни преговори, како компромисно решение откако челниците на Советот на Европа не можеа да се согласат за ниеден од ткн „шпиценкандидатите“ со кои настапија големите политички групации на мајските избори за Европскиот парламент.

Тоа предизвика незадоволство кај европските пратеници и оттаму предложената кандидатка одржа низа состаноци со политичките групации за да го осигури потребното мнозинство. За избор е потребно апсолутно мнозинство од сите пратеници, или 374 пратеници, но политички гледано секој исход под 400 гласови би претставувало многу тенко мнозинство и би претставувал голем тег на самиот почеток од мандатот на новата Европска комисија. Пред пет години, имано, претседателот на заминување на Комисијата, Жан-Клод Јункер беше потврден 422 гласа „за“, 250 „против“ и 47 воздржани.

Во Европскиот парламент е избран 751 пратеник, што значи дека просто мнозинство би било 376 гласа. Меѓутоа, во моментов има 747 пратеници со потврдени мандати. Недостигаат тројца пратеници од Каталонија кои за потврда на своите мандати би морале да се појават во Шпанија каде што им се заканува апсење, како и еден пратеник од Данска, кој е именуван во новата тамошна влада, а неговата замена сѐ уште не е потврдена.

Фон дер Лејен може да смета на поддршката на Европската народна партија (EPP), која има 182 пратеници, малку помалку од половината од потребните гласови. Веројатна е и мнозинската поддршка на новата центристичко-либерална групација Да ја обновиме Европа (RE), која има 108 пратеници но тепко дека сите од неа ќе гласаат за предложената кандидатка.

Така, клучно за изборот на дер Лејен ќе биде гласањето на втората по бројност пратеничка група, на европските социјалдемократи, кои во Европскиот парламент ги има 153. Оваа група е многу поделена околу поддршката за дер Лејен, а најголемиот отпор доаѓа токму од германските социјалдемократи коишто, пак, се во коалиционата сојузна германска влада со нејзините демохристијани. Групата на Европските конзервативци и реформисти (ECR), која со 62 пратеника ги обединува десните и благо евроскептичните партии, исто така, како и социјалдемократите е поделена.

Пратеничката група на Зелените, пак, со своите 74 пратеници, како и крајно левата Обединета левица со 41 пратеник најавија дека ќе гласаат против.

Различните ставови во Европскиот парламент е во спротивност со фактот дека на самитот на Европскиот совет, Урсула фон дер Лејен доби едногласна поддршка, од сите освен од нејзината германска канцеларка Ангела Меркел, коај остана воздржана поради противењето на нејзините коалициони партнери социјалдемократите, но во прв ред поради единството во EPP и во нејзината Христијанско-демократска унија (CDU) кои цврсто го застапуваа принципот на „шпиценкандидат“ и нивниот предлог од мајските избори Манфред Вебер.

Изборот на фон дер Лејен е дел од поширокиот пакет кој уште ги вклучува и челнциите на Европскиот совет, претседателот на Европската централна банка (ECB) и на Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика. Доколку во Европскиот парламент не мине нејзиниот избор, во прашање се доведува целиот пакет, што би претставувало многу голем удар за Европската унија.

Гласањето е тајно, нема електронско гласање туку се гласа на гласачки ливчиња. Резултатите би требало да бидат познати околу 19 часот. Доколку биде избрана, Урсула фон дер Лејен ќе биде првата жена на чело на Европската комисија, и првпат нема да биде почитуван принципот на ткн „водечки кандидат“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.