Европскиот парламент го разгледа извештајот за напредокот на Македонија

Европскиот парламент доцна ноќеска на пленарната сесија во Стразбур, го разгледа извештајот за напредокот на Македонија, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Пoкрај извештајот за Македонија, европратениците истовремено дебатираа и за извештаите за напредокот на Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Во дебатата која траеше еден час и дваесет минути зедоа учество 26 европратеници, а многу беа замолени нивните дискусии да ги поднесат во писмена форма со оглед на доцниот термин на дебатата. Во неа, најголемиот дел од европратениците се задржаа на евроинтегративните процеси на Македонија. Откако претходно во името на Европската Комисијата, комесарот за проширување Штефан Филе, ги претстави добро познатите ставови од извештајот на Европската комисија.

Известувачот за Македонија, Ричард Ховит, изрази задоволство од содржината на неговиот извештај со кој уште еднаш се бара од Советот на Европската Унија, да утврди без одлагање датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. При што Ховит посебно инсистираше дека негова грижа е  земјата да напредува. Затоа тој предлага  Европската Комисија да и додели на Македонија статут на „функционална пазарна економија“, со што ќе бидат гарантирани странските инвестиции.

Во дебатата дојдоа до израз старите разлики, кои се присутни во Европскиот парламент во последниве десетина години, односно од една страна европратениците кои изразуваат недоразбирање за грчката непопустливост и блокадата на евроинтеграцијата на земјата поради спорот со името. А од друга, грчките европратеници, поддржани од дел од бугарските, кои тврдеа дека блокадата не е поради спорот со името, туку поради серија други проблеми кои не се решени внатре во земјата, но и во односите со земјата. Во вчерашната дебата изненади многу остриот радикален тон на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, од редовите на Народните партии, кој не се разликуваше многу од тој на Стојанов. Ковачев ја обвини Македонија  за фалсификување на историјата, дека таа е измислена нација од коминтерната и Тито, што е далеку од говорот на добрососедство, што истовремено се бара од Македонија.

Како одговор на овие забелешки од страна на грчките и бугарските европратеници, може да се стават дикусиите на романската европратеничка Норица Николај и на унгарскиот Лајош Бокрош.

Бокрош констатира дека е „Срамно што една земја не може да напредува во евроинтеграцијата десет години откако доби статут на кандидат само поради спорот со името.

Тој притоа побара финансиската помош за Грција да биде условена со решавањето на проблемот со името и деблокирањето на процесот на евроинтеграцијата на Македонија, порачувајќи му на грчките европратеници и на грчкиот шеф на дипломатијата, дека Грција нема од што да стравува од македонскиот народ, кој е мирен народ.

Норица Николај побара да се прекине со хипокризијата кон Македонија и да не се бара од неа, она што не се почитува и во другите земји па дури и членки на ЕУ. Таа притоа оцени дека в македонија ќе с емери успехот или неуспехот на политиката на проширување на ЕУ.

Грчкиот шеф на дипломатијата Евангелос Венизиелос, во својство на претседавач со Советот на ЕУ, пред Европскиот парламент мораше да излезе од таа функција и да ги обајснува грчките ставови во однос на Македонија. Односно дека проблемот со името не е билатерален, туку меѓународен проблем и дека тој треба да се решава според двете резолуции на ООН и на фундаменталниот принцип  на европските придобивки, на европското право, односно на принципот на почитување на резолуциите на ООН.

Притоа заменик премиерот на грчката Влада, уште еднаш повтори дека блокадата на евроинтеграциите не е поради проблемот со името, туку поради серија на други неисполнети критериуми, најавувајќи дека при неговата посета на Скопје, тој се надева дека ситуацијата ќе стане појасна. Истакнувајќи дека Атина прифаќа сложено име со географска одредница за севкупна употреба на внатрешен и надворешен план. Венизелос притоа инсистираше дека Грција прави разлика меѓу нејзините национални интереси од тие на Советот на ЕУ.

Европскиот парламент за Резолуцијата ќе гласа денес напладне и таа не би требало да претрпи некои поголеми промени. Во неа Европскиот парламент уште еднаш го повикува Советот на Европската Унија да утврди без одлагање датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

Во Резолуцијата се нагласува дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за почеток на преговорите, иако тие треба да бидат решени пред крајот на процесот за зачленување, како и оценката на ЕП „дека критериумите од Копенхаген се доволно исполнети за да земјата (Македонија) ги започне преговорите за членство во ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.