Европскиот парламент се заканува дека нема да го прифати договорот на челниците на ЕУ

Европскиот парламент во четвртокот изгласа резолуција во којашто се истакнува дена не може да го прифати договорот кој го постигнаа шефовите на држави или влади на земјите членки на Европската унија за седумгодишниот буџет и бара негово подобрување.

Европскиот парламент „не може да го прифати политичкиот договор за Повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021 – 2027 година во формата во која е договорена“, се истакнува во текстот на резолуцијата на парламнетарците која е изгласана со мнозинство од 465 гласови „за“, 150 „против“ а воздржани биле 67 пратеници.

Во резолуцијата, исто така, се нагласува дека „Парламентот е подготвен веднаш да влезе во конструктивни преговори со Советот за да го подобрат“ договорот.

Челниците на земјите членки на ЕУ по повеќедневни тешки преговори во понеделникот постигнаа договор за новата Повеќегодишна финансиска рамка (MFF) и за новиот инструмент „ЕУ на следната генерација“, кој треба да претставува одговор на економските последици на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Пакетот севкупно е во износ од 1.824 милијарди евра, од кои 1.074 милијарди евра се во седумгодишниот буџет за периодот од 2021 до 2027 година, а 750 милијарди евра на „ЕУ на следната генерација“ (NGEU). Од овие 750 милијарди евра, 390 милијарди евра ќе се доделуваат како неповратна помош, а 360 милијарди евра како заеми.

Европскиот парламент може да го прифати или отфрли овој договор, но не може да го менува. Во подоцнежната фаза кога договорот во Европскиот совет треба да се преточи во закони, парламентот како козаконодавец има подеднакви овластувања како и советот и рамноправно учестува во овој процес. Текстот на резолуцијата не претставува одбивање на договор усвоен на Европскиот совет, туку станува збор за заземање позиции пред почетокот на преговорите за законодавните текстови. Парламентот есенва би требало да гласа дали го прифаќа или одбива договорот на челниците на земјите членки на ЕУ.

Според Лисабонскиот договор, Европскиот парламент треба да даде согласност на договорот на Европскиот совет за MFF. Првпат ги користеше ваквите овластувања во 2013 година, кога се решаваше за седумгодишниот буџет за периодот 2014 0 2020 година. Тогаш, исто така, го проблематизираше договорот на Европскиот совет, но на крајот го прифати. Парламентот, пак, нема вакви овластувања кога станува збор за NGEU, не може ниту да го менува, ниту да го отфрли.

Парламентарците во резолуцијата го поздравуваат договорот за планот за закрепнување како „историски чекор“, но изразуваат жалење поради тоа што е намален делот наменет за неповратната помош. Исто така, изразуваат желба да бидат „демократски инволвирани“ во псроведувањето на овој план, бидејќи „избраните претставници немаат формална улога во тоа“.

Кога станува збор за MFF, европратениците во резолуцијата изразуваат незадоволство поради кастрењата во повеќе програми, како што се заштитата на климата, дигиталната транзиција, здравството, истражувањата, размената на студентите, управувањата со границите….

Поради тоа Европскиот парламент не го прифаќа „политичкиот договор на Европскиот совет за MFF за 2021-2027 година во сегашната форма и нема да прифати ‘fait accompli’ (остварен факт)“ и е подготвен да ја „ускрати својата согласност за MFF“, додека не биде постигнато задоволително решение во претстојните преговори меѓу Советот и Парламентот, по можност најдоцна до крајот на октомври, за да може секторските програми да започнат да се спроведуваат од почетокот на следната година.

Парламентарците, исто така, изразуваат жалење поради тоа што во договорот на Европскиот совет е ослабена условеноста за користењето на европските средства со принципот на владеењето на правото, темелните права и деморкатијата. Потсетуваат и дека тие се козаконадавци во носењето на уредбата за владеењето на правото.

Европскиот парламент, исто така, велат дека нема да дадат согласност за MFF без договор за реформите на системот на сопствените буџетски приходи, вклучително и воведувањето нови извори на буџетските приходи во текот на буџетскиот период од 2021 до 2027 година. Договорот на челниците инаку предвидува воведување нови сопствени приходи за европскиот буџет, од кои делумно ќе се враќа долгот со кој ќе се финансира закрепнувањето.

Првенствено ќе се воведе данок на нерециклираната палстика, и тоа веќе од 1-ви јануари 2021. Ќе следи данокот на производи чиишто производство е проследено со интензивна емисија на јаглерод, потоа давачки на дигитални услуги, Тоа би требало да се воведе најдоцна до почетокот на 2023 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.