Европскиот суд во Стразбур ја прифати четвртата апликација од сопственикот на „НОЕЛ“ за предметот на СЈО „Поштенска банка‘‘

Еден од стопанствениците кои беа предмет на рекетирање, сограѓанин на Катица Јанева од СЈО, со меѓу фамилијарни тензични односи во Гевгелија, доби допуштање на неговата претставка од Судот во Стразбур.

Имено, четвртата апликација поднесена од Томе Главчев, сопственикот на „НОЕЛ“ Гевгелија, во врска со предметот „Поштенска банка“, пред Европскиот суд за човекови права, исто како и претходните три, е прифатена, односно успешно ја помина првата прелиминарна фаза на испитување на допуштеност, соопштува адвокатот Петре Јанура.

„Предметот е регистриран и проследен на понатамошно постапување. Претходните три апликации беа поднесени во врска со постапувањата на СЈО, додека пак четвртата апликација го вклучува периодот кога предметот ‘Поштенска банка’ беше преземен од СЈО, откога беше притворена специјалната обвинителка Катица Јанева. Направени се цел сублимат на повреди на човековите права во рамките на целата истражна постапка. Она што е значајно да се наведе е дека за истите главни дејствија за кои се товари мојот клиент во минатото биле поднесени кривични пријави од страна на Народната банка на Р Македонија и од СВР Одделение за економски криминал, при што од страна на Основното јавно обвинителство уште во 2005 година со решение кривичните пријави се отфрлени бидејќи пријавеното дело не е кривично дело кое се гони по службена должност и е утврдено дека со преземените дејствија не се оштетени други доверители. Согласно тогашниот Закон за кривичната постапка, што важеше во 2005 година, за подносителите на кривичната пријава, односно Народната банка, постоеше можност да се продолжи гонењето како супсидијарен тужител. Такво нешто не било направено, што значи дека одлуката за отфрлање на кривичните пријави е конечна и правосилна. Она што е особено важно е дека ниедна од повисоките инстанци никогаш нема утврдено неправилности во одлуката на Обвинителството за отфрлање на кривичните пријави, вели Јанура.