Европскиот суд за човекови права потврди дека Русија е одговорна за убиството на Литвиненко

Европскиот суд за човекови права утврди дека Русија е одговорна за убиството на Александар Литвиненко, пренесува Би-Би-Си.

Литвиненко, поранешен руски шпион кој стана британски државјанин, почина од труење со полониум во 2006 година во Лондон.

Јавната истрага во Велика Британија, спроведена во 2016 година, заклучи дека убиството „најверојатно го одобрил“ рускиот претседател Владимир Путин. Русија негира каква било вмешаност во неговата смрт.

Александар Литвиненко беше член на тајната служба, дисидент и поранешен потполковник на КГБ. Познат е по критиките кон рускиот режим.

Во ноември 2006 година, Александар Литвиненко беше отруен со радиоактивен полониум-210 додека пиеше чај во хотелот Милениум во Лондон. Поранешниот агент на КГБ во тоа време работел за британската разузнавачка служба МИ6 како консултант. Полониум-210 е редок радиоактивен изотоп кој се добива само во затворени нуклеарни централи. Такви има под контрола на руската држава, пренесува Дојче веле. Литвиненко подоцна почина во болница.

Овој случај привлече големо внимание во јавноста и веднаш почнаа обвинувањата дека Литвиненко бил отруен од руската влада. Неговата смрт ги наруши односите меѓу Русија и Велика Британија.

Во мај 2007 година, Велика Британија побара од Москва да го екстрадира Андреј Луговој, главниот осомничен за убиството на Александар Литвиненко, за да му се суди во Лондон. Барањето беше одбиено и имаше прекин на политичките односи, но и соработка за практични прашања. Иако економската соработка продолжи, политичките врски никогаш не беа целосно обновени. Со убиството на Литвиненко, заладувањето на односите меѓу Москва и Лондон достигна најниска точка во поновата историја, потсетува Дојче веле.