Европските берзи паднаа петти ден по ред во петокот во претпладневното тргување, бидејќи инвеститорите останаа внимателни пред извештајот за работните места во САД кој може да влијае врз одлуката на американската централна банка за каматните стапки.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,4 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето, така што е на пат кон седмична загуба од околу 3 отсто. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс загуби 0,54 отсто, на 8.195 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,81 отсто, на 18.425 поени, а париски CAC 0,58 отсто, на 7.388 поени.
Цените на акциите паднаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во минус од 0,3 отсто во истиот момент од тргувањето како и во Европа, така што е на пат да оствари седмична загуба од повеќе од 2,5 отсто. Претпладнево на токиската берза индексот Nikkei се лизна за 0,7 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,8 и 1,2 отсто. Во Австралија, пак, се зголемени за 0,4 отсто, додека во Хонгконг не се работи поради ураганот.
На пазарите провладува претпазливост, исто како и ден претходно на њујоршки Волстрит, кога индексот Dow Jones ослабе за 0,54, а С&П 500 за 0,3 отсто. Индексот Nasdaq, пак, порасна за 0,25 отсто.
Пазарите се нервозни пред објавувањето на податоците за вработеноста во американската економија во август, што може да влијае на одлуката на челниците на американската централна банка за каматните стапки. Аналитичарите во анкетата на Reuters процениле дека бројот на вработени се зголемил за 165.000, од 114.000 во јули. Во исто време, стапката на невработеност може да се намали од 4,3 на 4,2 отсто.
„Пазарот постојано осцилира помеѓу апетитот за ризик и одбивноста кон ризик бидејќи инвеститорите ги следат макроекономските показатели бидејќи Fed соопшти дека ќе ги следи за одлуките за каматните стапки. Пазарот ги следи податоците за да добие увид во тоа како економијата се однесува во случај на сценарио за слетување и што сето тоа значи за каматната политика на Fed“, вели Васиф Латиф, претседател на компанијата „Sarmaya Partners“.
Пазарот очекува Fed да започне со намалување на каматните стапки во септември, по години на рестриктивна монетарна политика. Повеќето аналитичари очекуваат намалување на каматните стапки за 0,25 процентни поени, но има и такви кои очекуваат поостро намалување за 0,50 процентни поени.