Европските челичарници ги гаснат печките пред „зимата на деиндустријализацијата“

Високите трошоци за енергијата ги натераа произведувачите на челик ширум Европа да го намалат производството, а некои предупредуваат дека челичарниците би можело трајно да бидат згаснати, што без работа би оставиле илјадници луѓе на континентот.

Произведувачот на нерѓосувачки челик „Aperam“ бил принуден да го запре производството и покрај дури четирите ветротурбини и преки 50.000 соларни панели во својот погон на истокот на Белгија.

Компанијата во моментов издвојува за енергијата колку некогаш во цела година и затворила постројка со 300 работници кои топеле отпаден нерѓосувачки челик и ги претворале во големи плочи.

„Имаме извесна сума пари кои ќе ни овозможат да издржиме некое време, но тоа не може да трае со години. Ако потрае, ќе гледаме деиндустријализација на секторот како нашиот, а Европа ќе стане зависна од увозот на базичните метали како нашиот“, изјави шефот на „Aperam“ за Европа, Бернард Халеманс за Reuters.

Летното одржување вообичаено го ограничува производството на околу 80 отсто од капацитетите, но Халеманс вели дека користат околу половината уште од јуни, откако остро се намали извозот на енергенсите од Русија во Европа, подигнувајќи ги и онака веќе огромните цени на нови рекордни нивоа,.

Во Европа уделот на челикот од увоз, најмногу од Азија каде што цените на енергијата се далеку пониски но емисиите на јаглерод се повисоки, пораснал од 20 до 25 отсто во 2020 и 2021 година на 40 отсто оваа година, достигнувајќи го изминатите седмици врвот од околу 50 отсто.
Европа мора да најде одговори, истакнува Халеманс, Според минатогодишниот извештај на „McKinsey“, производството на челикот создава околу 83 милијарди евра директна дополнителна вредност во економијата и директно вработува 330.000 луѓе.

Европската комисија тврди дека мерките на ЕУ заштитиле 195.000 работни места во индустријата на челикот во 2021 година, но критичарите предупредуваат дека трошоците за енергијата сега се толку големи што увозот можеби е поевтин, дури и со дополнителните заштитни царини.

 

„Зима на деиндустријализацијата“

Во Германија индустријата на челикот се соочува поради поскапувањето на енергијата со дополнителни трошоци од 10 милијарди евра, околу четвртина од просечниот годишен обрт на секторот, а треба да им се додадат и трошоците за „зелената транзиција“ на ЕУ.

„Доколку нешто не преземеме, нам во Германија ни се заканува зима на деиндустријализација“, предупредуваа претседателот на германската федерација за челик WV Stahl, Ханс Јирген Керкофф.

Корпорацијата „ThyssenKrupp Steel Europe“ го намалила производството во германските челичарници поради тоа што нивните клиенти се колебаат при набавките под притисокот за очекување на рецесијата и високите цени на енергијата кои ја загрозуваат нивната конкурентност на глобалните пазари.

Глобалниот холдинг „ArcelorMittal“, вториот по големина светски производител на челикот, исто така ја згаснал високата печка во Германија, како и оние во Франција, Полска и Шпанија, и предвидува дека неговото европски производство во четвртиот годинешен квартал ќе биде за околу 17 отсто помало отколку една година претходно.

Адолфо Ајељо, заменик директот на европското здружение на произведувачи на челик „Eurofer“, предупредува дека челичарниците би можеле да останат затворени и подолг период, доколку енергетската криза не биде решена на кус рок.

Тоа би можело да се случи во другите индустриски сектори кои трошат многу енергија, додава Ајељо, истакнувајќи го примерот на индустријата на другите метали, на вештачките ѓубрива и хемикалиите.

Од „Eurofer“ соопштија дека ситуацијата значително се влошила од август кога прогнозирале 1,7-отстотен пад на европската потрошувачка на челикот во оваа година и солидно закрепнување во 2023 година., која според нивните тогашни процени би требало да порасне за 5,6 отсто.

Новата процена би требало да биде објавена дури на крајот на октомври, а директорот за економски студии Алесандро Скиамарели вели дека падот во 2022 година ќе биде поголем отколку што во моментов се очекува и дека ќе биде продолжен и во 2023 година.

„Сликата потполно се измени по настаните во последните два месеца“, истакнува Скиамарели.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.