Европските челници го посетија украински Ирпин

Политичките лидери на Франција, Германија, Италија и Романија во четвртокот биле во обиколка на урнатите згради во украинскиот град Ирпин крај престолнината Киев за да ѝ искажат поддршка на Украина која се надева дека таа ќе биде претворена во конкретни потези.

Иприн, град кој пред почетокот на војната имал 62.000 жители, беше накратко заземен од руските војски пред тие да се повлечат од северот на Украина и да се насочат на борбените операции на истокот.

Украински функционер им објаснувал на францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Мари Драги и на романскиот претседател Клаус Јојанис што се случувало во градот кој беше гранатиран и од двете страни. Киев тврди дека руските сили наводно во Ирпин извршиле масовни воени злосторства, што Москва го отфрла како подметнување.

Четворицата челници биле облечени во костуми, и се чинело дека немаат никаква заштитна опрема, а биле опкружени со вооружени војници, пренесуваат медиумите.

Откако видел натпис на ѕид „Make Europe, not war“ (Создавајте ја Европа, не војна), Макрон рекол дека е „многу впечатливо да се види тоа“ и оти тоа е „вистинската порака“.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски не дошол во Ирпин, а со четворицата странски државници ќе се сретне подоцна во четвртокот во Киев.

Претходно, пред да излезе од возот по целоноќното патување од полскиот град Пшемишл, Макрон изјавил дека „ова е важен момент“ и дека на Украинците „им испраќаме порака на единство, поддршка, разговори за сегашноста и иднината, бидејќи следните седмици, како што знаеме, ќе бидат многу тешки“.

Инаку набрзо по пристигнувањето на челниците на трите најголеми економии во ЕУ во Киев, над украинската престолнина се огласиле сирените за тревога од воздушен напад. Имајќи предвид дека руските сили речиси три месеца не изведуваат никакви воени дејствија во близина на Киев, во германските медиуми се коментираше дека тоа била „претстава“ за канцеларот Шолц кој многупати беше напаѓан од Киев за тоа дека требало порано да допатува за да ја искаже поддршката на Берлин, како и поради одложувањето на испораките на тешко вооружување што го бара Украина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.