Европските индекси стагнираат, раст на азиските берзи

На европските берзи во понеделник претпладнето внимателно се тргува, индексите стагнираат, а обемот на тргувањето е помал од вообичаеното, бидејќи поради празници во САД и Велика Британија не се работи.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во претпладневното тргување беше речиси непроменет во однос на затворањето на пазарите во петокот. Истовремено, франкфуртски DAX зајакна за 0,04 отсто, на 18.699 поени, додека париски CAC ослабе за 0,02 отсто, на 8.090 поени.

Инвеститорите се претпазливи, бидејќи оваа седмица ќе бидат објавени макроекономски податоци, што може да влијае на насоката на пазарот. Извештаите за бруто домашниот производ (БДП) во еврозоната ќе бидат објавени во вторник, а за инфлацијата во блокот на употреба на единствената европска валута во петок.

А на азиските берзи цените на акциите пораснаа. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европа порасна за 0,6 отсто, откако минатата седмица падна за околу 1,5 отсто. Претпладневно јапонскиот индекс Nikkei порасна за 0,7 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Хонгконг и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,8 и 1,3 отсто.

Растот на цените на акциите главно се должи на корекција по минатонеделниот пад, а обемот на тргување е помал од вообичаеното поради празниците во САД и Велика Британија. Во фокусот на инвеститорите оваа седмица ќе биде новиот извештај за инфлацијата во САД, а инвеститорите се надеваат на намалување на инфлаторните притисоци.

Во петок ќе бидат објавени податоците за инфлацијата во еврозоната, а иако се очекува благ пораст на инфлацијата до 2,5 отсто, пазарот верува дека следната седмица Европската централна банка (ECB) ќе ги намали клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, на 3,75 проценти.

Исто така, се проценува дека канадската централна банка би можела да ги намали каматните стапки следната седмица. Сепак, до есен не се очекуваат намалувања од американската централна банка. И покрај тоа, инвеститорите внимателно ќе ги следат изјавите на голем број претставници на Fed, кои седмицава ќе ја коментираат економската состојба.