Европските инвеститори претпазливи, азиските берзи пораснаа на почетокот од седмицата

На европските берзи во понеделник во претпладнето се тргува претпазливо, додека инвеститорите чекаат нови вести кои би можеле да го насочат пазарот, па индексите по силниот раст минатата седмица се движат во тесни распони.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше речиси непроменет, откако минатата седмица скокна за речиси 3 отсто. Лондонскиот FTSE индекс претпладнево ослабе за 0,33 отсто, на 7.479 поени, а франкфуртски DAX за 0,13 отсто, на 15.898 поени. Парискиот CAC зајакна, пак, за 0,21 отсто, на 7.248 поени.

А на азиските берзи цените на акциите пораснаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот претпладневен пресек порасна за 0,8 отсто, откако скокна за 2,8 отсто минатата седмица и го достигна највисокото ниво во последните два месеца. Претпладнево јапонскиот индекс Nikkie падна за 0,6 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Јужна Кореја и Хонгконг пораснаа меѓу 0,1 и 1,5 отсто. На самиот почеток на денешното тргување, индексот Nikkei го достигна највисокото ниво во последните 33 години, но потоа се лизна од него.

На берзите владее добро расположение бидејќи инвеститорите сметаат дека поради намалувањето на инфлаторните притисоци заврши циклусот на покачување на каматите во западните земји. Олеснувањето на инфлацијата во САД ја поддржува тезата дека американската централна банка нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика, дека циклусот на затегнување на монетарната политика е завршен.

Дополнително, низа неодамнешни податоци покажуваат дека економијата продолжува да расте релативно стабилен, односно и покрај наглото зголемување на каматните стапки во последната година ипол, таа избегна рецесија. Ова е добра вест за азиските компании бидејќи САД се нивниот најголем извозен пазар.

Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога Fed би можел да започне со намалување на каматните стапки. На пазарот на пари, се проценува дека има околу 30 отсто шанси првото намалување на каматните стапки на Fed да дојде веќе во март следната година. Проценките покажуваат и дека до крајот на следната година Fed би можел да ги намали каматните стапки за цел процентен поен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.