Европските лидери поделени: Санкции за Русија или само предупредување?

Претседателите и премиерите на земјите членки од Европската унија во Брисел одржуваат вонредна седница на која што се расправа за можните мерки против Русија, која пред неколку дена испрати свои воени сили во Украина.

Пред заседанието на европските политичари изјавиле дека тензиите во Украина се’ уште се на високо ниво.

Дипломатски извори исто така наведуваат дека не постои консензус меѓу земјите членки на Европската унија околу донесувањето на одлуката околу санкциите против Русија.

Затоа голем број дипломати сметаат дека лидерите на земјите членки на Унија на денешниот состанок ќе донесат одлука околу тоа дали да се преземат санкции или пак само предупредување.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, пред самиот состанок рекла дека европските лидери сакаат да воведат санкции на Русија, додавајќи дека сепак земјите членки мора да се договорат за тоа.

Францускиот претседател, Франсоа Оланд, истакнал дека ЕУ не сака конфронтации, туку дијалог со Русија, нагласувајќи дека сепак се можни одредени санкции против Русија.