Европските зелени повикаа за почеток на преговорите со Македонија

Европратеничката од групата на Зелените во Европскиот парламент, Тинеке Стрик, ја искористи дебатата со португалскиот премиер да побара да се изврши притисок врз Бугарија за повлекување на ветото за преговори со Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

На денешната пленарна дебата на Европскиот Парламент со португалскиот премиер, Антонио Коста, целосно изостана темата за проширувањето и преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Португалија претседава со ЕУ од први јануари до 30 јуни оваа година. Премиерот Коста утрово ги изложи приоритетите на неговата земја за следните шест месеци, но не го спомена проширувањето.

Пратеничката Тинеке Стрик меѓутоа побара експресно од Коста да изврши притисок врз Бугарија.

– Наметнавме услови кои Северна Македонија направи сѐ за да ги исполни сите, но една земја блокира, итно барам од вас да извршите притисок врз Бугарија да го повлече ветото и да се врати кредибилитетот на ЕУ на Западен Балкан – изјави Стрик.