Европско разузнавање

Современите безбедносни предизвици, пред кои се исправени државите, последниве декади се одликуваат уште со една заедничка карактеристика, а тоа е нивната транснационалност, односно нивната манифестација преку границите на една држава, па и преку границите на одделните континенти.

Пронаоѓањето одговори и превентивното дејствување против овие безбедносни предизвици мора да биде координирано и насочено кон нивните појавни облици, најчесто преку соработка на повеќе држави, во рамките на меѓународните организации или во рамките на билетаралната соработка. Последниве неколку години, забележително е дека раководителите на институциите на Европската Унија засилено зборуваат, но и дејствуваат во насока на подобрување на безбедносната и одбранбена компонента на Европската Унија. Преку дејствувањето во согласност со заедничка стратешка рамка на документи, па засилена соработка во доменот на одбранбените капацитети и формирање заеднички одбранбени тела, се чини дека следната област која ќе биде унапредена е разузнавачката компонента на Европската Унија. Последнава декада, исправени пред голем број на безбедносни закани кои го манифестираа своето дејство (терористички напади, мигрантска криза, организиран криминал, шпионажа и сл.), но и соочувањето со неадекватен одговор и недоволна соработка (на пример неможноста за пронаоѓање на лицата кои извршија терористички напади, а кои по нападите преминуваа во други земји на ЕУ и таму се криеја) од страна на безбедносните и разузнавачки служби на земјите членки, голем број од претставниците на ЕУ повикуваа за покоординиран одговор во однос на разузнавачките дејствија во рамките на ЕУ.

На почетокот, дел од овие повици беа игнорирани и одбиени од страна на некои земји членки, кои сметаа дека разузнавањето е национално прашање и дека нема потреба од формирање на заедничко оперативно тело. Всушност, во рамките на Европската Унија, поточно во структурата на Службата за надворешна политика на ЕУ (European External Action Service – EEAS), веќе 20 години, постои едно тело кое не е толку експонирано во јавноста, но сепак си ја врши својата работа. Се работи за Разузнавачкиот и ситуационен центар (РСЦ) на ЕУ, чија мисија е да доставува разузнавачки анализи, известувања и информации до Високиот претставник на ЕУ. РСЦ ја врши својата задача преку набљудување и проценување на меѓународната ситуација, фокусирајќи се особено на чувствителните географски простори, тероризмот и пролиферацијата на оружјата за масовно уништување, како и за останати глобални безбедносни закани. Своите продукти РСЦ исто така ги доставува и до останатите институции на ЕУ, кои се занимаваат со делот на надворешна, безбедносната и одбранбена политика, како и до земјите членки на ЕУ.

Важно е да се напомене дека РСЦ не поседува оперативни капацитети за прибирање податоци, туку се потпира на оперативните капацитети на разузнавачките и безбедносни служби на земјите членки на ЕУ, кои ги споделуваат своите податоци со РСЦ, кадешто се прави обработка и анализа на податоците, и се изготвуваат аналитички продукти и извештаи. РСЦ се состои од две организациони единици, а тоа се Единица за разузнавачка анализа и известување и Единица за поддршка и прибирање податоци од отворени извори. Значително е да се напомене дека бројната состојба и квалитетот на работа на РСЦ постојано се зголемуваат и добиваат на релевантност.

Формирањето на Разузнавачкиот Колеџ го претставува најновиот храбар и одлучен чекор кон зајакнување на соработката помеѓу земјите членки на ЕУ во делот на разузнавачката и безбедносна соработка. Претставниците на 23 европски земји, на 26.02.2020 година, во Загреб потпишаа писмо со намери со кое заврши проектот за основање Разузнавачки колеџ во Европа. Освен овие 23 земји кои се членки на иницијативата, има и 7 држави кои засега ја имаат улогата на партнерски земји во оваа иницијатива. Идејата за основање на овој колеџ ја покрена францускиот претседател Макрон пред неколку години, па затоа, токму во Париз, на 5-ти март 2019 година, беше одржана основачката сесија на Разузнавачкиот Колеџ, каде присутни беа вкупно 66 разузнавачки агенции, кои доаѓаа од 30 различни европски држави. Она што е важно и поуката која треба да ја извлече Република Македонија од развојот на настаните во рамките, не само на ЕУ, туку на тлото на Европа (бидејќи во Разузнавачкиот колеџ партиципираат и држави кои не се членки на ЕУ, како на пример Норвешка, а некои земји кои не се членки на ЕУ, како Швајцарија, се појавуваат како партнери во Колеџот), е дека треба да фати приклучок кон оваа иницијатива, бидејќи нашиот безбедносен систем би имал голем бенефит од ваквата соработка.

Автор: Александар Нацев за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.