Евтаназија на бездомните, агресивни кучиња кои нема да бидат вдомени

Приоритет на заловување на агресивни кучиња, нивно вдомување или евтанизација, прочистување, вакцинација, стерилизација и чипирање на останатите бездомни кучиња, засилени контроли за откривање на вистинитоста при нападите од бездомни кучиња, сомнителни стерилизации, се дел од точките на координативните состаноци за бездомни кучиња во Центарот за управување со кризи (ЦУК).

На денешниот состанок на владини институции и невладини организации за решавање на проблемот со бездомните кучиња, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов рече дека договорените процедури треба да се започнат во најбрз можен период.

– Секаде каде што ќе има пријава за агресивни кучиња, истите треба да добијат приоритет при заловување, потоа да бидат прочистени, вакцинирани, стерилизирани, чипирани и да се обидеме да им најдеме сопственик. Но, во краен случај кога некој нема да сака да вдоми одредено агресивно куче, тоа ќе биде евтанизирано, истакна Ангелов.

Тој нагласи дека е побарано од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да вршат засилена контрола на вистинитоста на пријавените напади, бидејќи често се случува да имаме лажни пријави за напади од кучиња, при што мотивите можат да бидат парични, луѓето на тој начин добиваат одредена материјална корист.

Посочи дека една од причините да се верува во таа појава е тоа што откако Град Скопје почна да исплаќа надомест на штета за нападнати лица, се зголемил бројот на пријави за напади.