Фајнанс тинк смета: Задоцнет ребаланс на Буџетот, скратени капиталните расходи

Владата го усвои Ребалансот на Буџетот на 15 мај 2020. Ребалансот беше очекуван, но донесен со значајно задоцнување, во контект на потребата тој да ја демонстрира посветеноста на Владата кон кратење на сите непродуктивни трошења и трошења кои изгубија приоритет во контекст на кризната состојба, се вели во првичната оценка на институтот за економски анализи Фајнанс тинк (Finance Think).
„Ревидираната проекција за пад на економијата од 3,4% е коректна и во линија со нашето предвидување од 11 април. Сепак, оваа стапка е со понатамошни надолни ризици, што негативно може да се рефлектира и врз приходната страна на буџетот во третиот и четвртиот квартал, што може да предизвика потреба од втор ребаланс.

Падот на даночните приходи е резултат на намалената економска активност. Но, истовремено, ризикот од пораст на даночната евазија е нагласен. Оттука, неопходно е во следниот период фокусот да се стави врз засилена контрола и санкционирање на даночната евазија.

Буџетскиот дефицит е очекуван и е директен резултат на негативните последици врз економијата од појавата на ковид-19. Тоа наметнува и потреба за изготвување оптимален план за негово финансирање во тековната година, но и редизајнирање на планот за среднорочно финансирање на јавниот долг.

Неминовно, задоволувањето на оваа голема потреба од финансирање ќе ја наметне и потребата да се дискутира за ревидирање на даночни стапки по стивнувањето на првиот удар на кризата.

Расходите наменети за ковид-19 програмата се коректно димензионирани, со голем потенцијал за нивно зголемување во третиот квартал, заради потребата од воведување дополнителни мерки за делување на среден и долг рок, вклучително и мерки за поддршка на извозно-ориентираните компании.

Кратењето на вкупните расходи е недоволно. Во услови кога постои неодложна потреба за поголеми трошења за справување со негативните последици од корона-кризата и истовремено голем пад на приходите, скратените постојни расходи се недоволни да ги компензираат зголемените трошоци сврзани со ковид-19. Само 68% од трошоците за ковид-19 се покриваат со скратените расходи.

Приоритизацијата во намалувањето на трошењата во зависност од нивното развојно значење не е рефлектирана во ребалансот на буџетот. Напротив, очигледниот напор да не се скратат ставки на тековни трошења, од кои дел се сметаат за непродуктивни, може да се толкува како предизборен. На пример, буџетската ставка за стоки и услуги е намалена за 8,7% во споредба со иницијалниот буџет, а платите и надоместоците за 1,4%, или севкупно 0,9% намалување во однос на вкупниот планиран буџет за 2020 година. За споредба, кратењето кај капиталните расходи е скоро двојно поголемо, 18% во споредба со иницијалниот план или 1,8% од буџетот за 2020 година. Последново не кореспондира со најавите за интензивирање на извршувањето на капиталните расходи на државата, па дури и отпочнување планирани проекти за 2021 и 2022 во тековнава година.

Имајќи ја предвид кризната состојба, кратењето на непродуктивните трошоци треба да биде радикално и одлучно, не само за да осигури фискален простор за финансирање на мерките сврзани со ковид-19, туку и да испрати јасен сигнал кон економските агенти дека државата води посветена и конзистентна фискална политика во услови на криза.

Капиталните расходи се на удар во овој ребаланс, како што тоа беше случај и во последната деценија и повеќе. 65% од вкупните скратени расходи се од оваа ставка. Дел од таквото кратење е поради неможноста да се донесе системско решение за менаџирање и планирање на капиталните расходи во изминатиот период, како на пример среднорочното планирање, а кое експертската јавност и меѓународните институции го укажуваа во повеќе наврати. Второ, кратењето доаѓа и поради веќевообичаеното надувување на овие трошења во иницијалното планирање на Буџетот. Трето, за очекување е дека поради воведените рестриктивни мерки и новонастанатата кризна состојба, активностите за реализација на дел од капиталните расходи ќе забават.

Анализата на пропорционалноста на кратењата на трошоците по буџетски корисник и програми е невозможно да се направи во моментот, поради немање доволно информации и увид на целокупниот документ на ребалансот на Буџетот. Оттука, транспарентноста сврзана со ребалансот на Буџетот е поткопана. Доколку надлежното министерство ги објави овие информации, ќе ја прошириме оваа анализа“, се вели во коментарот на Фајнанс тинк. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.