Фајзер: Нашата вакцина е 90 отсто ефикасна, голем ден за науката и за човештвото

Објавени се првите привремени резултати на големото истражување за ефикасноста на вакцината против коронавирусот на кои работи фармацевтскиот гигант Фајзер и BioNTech .

Според тврдењето на произведувачот, вакцината е 90 отсто ефикасна, а анализата покажува дека вакцината покажува многу подобри резултати од тие на кои се надевале многу научници.

Голем процент од испитаниците кои добиле заштита од вакцината ги прави резултатите многу уверливи, пишува британски Гардијан. Регулаторните агенции порачале дека ќе одобрат вакцина која има само 50 отсто ефикасност, што значи дека од зараза штити 50 отсто од тие кои ќе ја примат. Произведувачите на таа вакцина велат дека нема сериозни нуспојави.

– Денес е голем ден за науката и за човештвото. Првиот сет резултати од третата фаза на истражувањето на вакцината против ковид-19 ги докажува првичните докази за способноста на нашата вакцина да ја спречи заразата со коронавирусот – вели шефот на управата на Фајзер д-р Алберт Бурла.

– Дојдовме до критичната точка во развојот на вакцината во моментот кога на светот најмногу му треба, кога стапката на инфекција достигнува рекорди, болниците се преполни, а економијата се обидува повторно да се отвори – додал Бурла.

Со оглед на тоа дека третата фаза на клиничкото испитување продолжува, можно е процентот на ефикасност на вакцината да се промени, но податокот за ефикасност од 90 отсто ќе ги израдува не само политичарите туку и здравствените работници.

Третата фаза од испитувањето на вакцината на Фајзер опфаќа 43.000 испитаници, а во компанијата тврдат дека вакцината еднакво добро ги штити луѓето од сите етнички групи.

Собирањето на податоците за безбедноста на вакцината ќе потрае до третата недела од ноември, најавуваат од Фајзер. Тие податоци потоа ќе бидат испратени кај регулаторите кои би требало да ја одобрат употребата на вакцината. Брзото добивање на одобрение за пуштање на вакцината во промет би можело да значи дека здравствените работници ќе ги добијат првите дози на вакцината до крајот на годинава, наведува Гардијан.